Најдобар е сексот на срцето, секс кој што одново е крунисан со вљубеност и љубов



Предизвиците за откривањето на клиторисниот оргазам, фамозната Г-точка, сексуалната екстаза, не завршија со „револуционерните“ пронајдоци на Фројд, Кинси, Мастер и Џонсон… Напротив, предизвиците се стари колку и човештвото и секогаш актуелни со нови варијанти. Многу предизвици и авантури кои ја повикуваат науката да бидат демистифицирани. Научниците повеќе не ѕиркаат, туку без срам и страв навлегуваат во женската сексуална пандорина кутија, полна со фантазии, желби, стравови, копнежи, загатки и милион нејасни прашања и уште понејасни одговори. Сексологијата е можно решение кое нуди доволно храброст да ја отвори кутијата и уште поголема желба и способност да ги скроти и правилно да ги насочи содржините на „Пандора“.

Историјата е полна со обиди и дела за потиснување, омаловажување, затскривање, забранување и вулгаризирање на женскиот секс. Опсесијата со оваа тема е навистина чудна – толку многу општествени и религиски истории се окупирани со тоа „што е добро и што не е добро“ во сексуалноста и со непрекината потрага по тоа што ни е „природен“ и „нормален“ начин на однесување. Секој има своја визија за сексуалноста, свој рецепт што осигурува посебно задоволство. Сексуалноста не е само чин на сексуален однос, туку е и емотивно заедништво, интимност, еротика, доверба, љубов…

Со векови, најчесто жената го потиснува своето сексуално задоволство. Таа е заробена во мислата дека не смее да ужива. Стравот и срамот најчесто царуваат во нејзиното царство на сексуалноста.  Во целата оваа „сексолошка авантура“ женскиот оргазам е се уште едно од најмалку откриените и најнеистражуваните места. Но, и покрај научните истражувања, најважно е жената да не заборави дека треба да ја живее својата сексуалност како кралица на сопственото тело и душа. И секако дека смее да ужива! А сексуалноста е моќна! Велат, за некои природно проклетство, а за некои природно блаженство. Сепак, најдобар секс е сексот на срцето, секс кој што одново и одново е крунисан со вљубеност и љубов!

Автор: Биљана Римини – Саздановска

 

Страни: 1 2 3