На искрените луѓе јазикот им е побрз од паметот. Ама со нив секогаш си на чисто!



Искрените луѓе се такви… брзо се лутат, кратко им трае. Многу длабоко се радуваат и уште подлабоко тагуваат. Лесно можеш да ги повредиш, затоа што немаат изграден гард и се отвараат сосема. На искрените луѓе јазикот им е побрз од паметот. Ама со нив секогаш си на чисто – никогаш нема да ти кажат нешто што не мислат. Не дека не пробале да излажат, ама лицето и говорот на телото ги издава. Тоа е исто како да викаш „да“ а со главата вртиш лево-десно (добро, во источна Македонија тоа е стандардно, па затоа за нив важи обратното). Ако на некој начин ги повредиш или злоупотребиш, искрените луѓе немаат капацитет да планираат одмазда . Одма ќе ти кажат во лице или ако треба и ќе се истепаат бранејќи го своето право. Наивни се како мали дечиња, ама не заради недостаток на интелигенција, туку заради добрината на срцето. Искрените луѓе се најдобрите партнери. Со нив секоја врска е поуспешна. Способни се да го понесат товарот на обврските. Можеш да сметаш на нив кога треба да се сочува некоја тајна. Можеш да сметаш на нив кога ќе ти ветат нешто. Точно, често се брзоплети и непромислени, ама никогаш нема длабоко да те повредат. И ако некогаш несакајќи те повредат, не чекаат многу за да ти се извинат. А нивното извини не мора ни да ти го кажат. Целото тело, секој израз на лицето и очите, секое движење кажува „извини“ погласно од каков и да е збор. Кога ќе им згрешиш, многу трауматично го доживуваат тоа. Но кога ќе им се извиниш, простуваат и забораваат, како никогаш да не се ни случило. Простуваат затоа што се свесни дека и самите често грешат. Простуваат затоа што шоуто мора да продолжи. Искрените луѓе се насекаде околу нас. Онакви какви што се – будалетинки со три броја поголемо срце. Полни со животна енергија. Весели. Тажни. Никогаш рамнодушни.


Автор: Драган Таневски
Комплет сите 8 книги
Акција – 1599 ден со достава
www.dragantanevski.com/нарачки