Милена Лунеска: Убавина



Автор: Милена Лунеска


УБАВИНА

Годините ги редам во ред,
некои издвојувам и ги притискам до ѕид…
Од џебовите им ги вадам
деновите, минутите, зборовите…
Детален преглед вршам на настани и моменти,


осомничени се сите,
меѓу нив го барам крадецот на мојата Убавина!
Знам, правдата има две лица,
ќе ги сослушам внимателно сите,
да им пронајдам оправдана причина и мал спас за нив!
Но, морам виновните да ги одведам на суд,
огледалото праведно да им суди,
злодело е тешко кражбата нивна,
на ова лице нежноста да му ја грабнеш,
на овие очи, во бекство, брчки да им ставиш!
Oштетени,се бунат, за кражбата долго се на протест,
неправедно злодело трпат,
со декрет бараат, доживотно крадецот да го бришам,
од спомените и мислите мои!
Сепак побуната морам да ја смирам,
да одржам говор, со завршен збор .. Живот е тоа!…
И побунетите во душата да ги носам,
на третман со вистински вредности.
Нека го извади најдоброто,најубавото душата моја,
на лицето нека ми го стави,
верувам и покрај сите брчки,
повторно Убавина ќе имам… ќе се види!