
Автор: Милена Лунеска
Се сретнавме љубовта и јас, на пола пат
таа во поход, јас на протест…
војсководец на осамени срца!
Во рацете, транспаренти со осуда и оптужба,
низ зборови искажан, прикриен гнев!
А таа, горда кралица, со своја војска,
војници со вљубени срца…
и во раце, оружје-аморови стрели!
Се сретнавме љубовта и јас…
и се гледавме очи во очи!
Јас со погледи, празни, без небо и ѕвезди
и прашања безброј,
а таа со насмевки и нежности…
распослани хоризонти со Сонце…
и одговори
од кои од срам оборав очи…
Дознаваш самотијата е твоја,
сам си ја одбрал,
па за казна,
вината како тежина во душата ја носиш!
…Се сретнавме повторно љубовта и јас,
таа горда кралица на срцето мое,
јас, вљубен војник,
во првите редови на нејзината војска!
Осаменоста одамна,замина, без мене,
сама, некаде на протест!