Милена Лунеска: Неверство, Модерна пепелашка и Ангели



Автор: Милена Лунеска


НЕВЕРСТВО

Си одам, тесно е во твоето срце!


Прескокнувам скршени желби, расфрлени сонови…

Газам по гордоста како по паднати лисја,


а твојата љубов со секој нов ден се повеќе ја делам со лаги и лажни зборови!

Си одам, ладно е твоето срце!

Празен кревет и многу студени ноќи- нема топлина, ниту искри на надеж, згаснат е огнот што не спои.

Топли бакнежи нема, ладен воздух ги запира зборовите, се здружиле самотијата и тишината!

Среќата не ја сака лагата, па за казна ти ја остава тагата, мириса лошо, многу лошо…

Разделбата! Си одам…

Собирам солзи, бисери од завети, спомени од герданот што некогаш на вратот, од љубов го стави.

Тажно, тажно, погледот од вистината ти бега, тежок тие и прстенот!

Очите јасно кажуваат, верноста одамно заминала,

неверството печат и потпис на срцето оставило,

ниско ти паднала звездата,

бесрамно си ни ја продал љубовта!

 

МОДЕРНА ПЕПЕЛЕШКА

Црна чипка, високи штикла, темна шминка и плава коса до рамена,

заводлив поглед, трепет со очи и извежбан слоган- лојални сојузници за освојувачки поход!

Според планот, машки срца ќе барам, страсни им желби во жежок танец ќе топам!

Со насмевки што мамат и лажат, осветнички ќе газам по неверни им души!

На полноќ, како пепелешка ќе ме снема!

Наместо чевли, мои бакнежи на лицето како траг ќе им ставам!

Мирисот од парфем, со потпис, на скалите ќе го спуштам – Визиткарта за повторни средби!

Уморена од походот, слатко ќе заспијам и наивно ќе сонувам…

Утре, можеби, оваа необична девојка, вистински принц ќе ја бара!

 

АНГЕЛИ

Плачи срце, плачи сосема тивко,

болката пуштија со солзите да тече, врисокот нека одлета со здивот!

Немоќта заковај ја во погледот што ги осудува и заканува!!!

Плачи срце мое, сосем тивко… и не умирај од тага,

надежта ќе не лечи, раните крвави ќе запрат,

лузните од лева страна времето ќе ги скрие!

Плачи срце, плачи сосема тивко да не слушне никој како болат спомените!

Крилјата ни ги сечат,

но, Сонцето, за нас, повторно ќе свети меѓу звездите!

И без крилја пак Ангели ке бидеме!