Милена Лунеска: Каде одат неостварените желби



Со погледи во вечноста ме урамуваш,
бараш бакнежи, раце за поздрави
и за разделба ми зборуваш,
мене, желбо…што те родив,
што те хранев со надеж,
те растев во душава
и за цело ова време … те носев во мислите!


-Не тагувај, не осудувај,
шепотиш…во прегратки ме обвиткуваш
и за лоша Судбина ми зборуваш,
мене, желбо,…
што триста молитви на глас и во себе
кажав, илјада свеќи во црква запалив, ги бакнав и со рака ги допрев светците, ниту еден да не се откаже, желбо, ни од мене, ни од тебе! Ги запирш зборовите и солзиве, ме тешиш и храброст ми повикуваш, мене, желбо… херојот од битките, без војска што победував! Сега кога имам фаланги со себе, животот ли бара да се покорам, предадам… да те пуштам да заминеш и без да прашам КАДЕ ОДАТ НЕОСТВАРЕНИТЕ ЖЕЛБИ без болка, со тебе да се разделам!