Месец на хуманост со Cooking with Branko и Витаминка



Под мотото „Биди дел од месецот на хуманост, купи производи и донирај“ блогерот Бранко Попоски познат по псевдонимот Cooking with Branko во соработка со Витаминка, ќе донираат производи, храна и приготвени оброци за социјално загрозените семејства.


Во текот на целиот месец октомври, Бранко ќе набавува намирници (леб, овошје, зеленчук, зрнести производи) со кои ќе приготвува оброци, а Витаминка ќе донира производи. Подготвените оброци и донираните производи од Витаминка, соодветно спакувани преку Здружението Љубезност и Ретвитни Оброк ќе бидат доставени до семејствата во неповолна социјална положба.

Целта на акцијата е да се подигне свесноста за ситуацијата во која се наоѓаат голем број семејства, посебно погодени од здравствената криза и да се поттикне јавноста со свој личен придонес да се вклучи и да помогне на некое од овие семејства.


Попоски, хуманата активност ја спроведува веќе втора година по ред, откако минатата година на интересен начин преку својот блог за храна Cooking with Branko ја повика јавноста и јавните личности да донираат храна и оброци за социјално ранливите лица.

Оваа година, поради заштитните протоколи за Ковид-19, Бранко акцијата ја спроведува според дефинираните безбедносни мерки. Затоа, хуманата активност е дополнета повторно со повик од Бранко Попоски до граѓаните доколку сакаат можат да донираат, но според одреден распоред. Секој петок во периодот од 13.00 до 17.00 часот готови оброци (без свинско месо) ќе може да се донираат исклучиво преку кетеринг кујна или ресторан со достава во просториите на здружението „Љубезност“, контакт 070 378 855. Донации во конзервирана храна (без свинско месо) може да се достават на локација на Бродот на среќата секој петок и сабота од 13.00 до 17.00 часот. Производи и храна со подолг рок на употреба може да се донираат од понеделник до петок од 13.00 до 17.00 исто во Бродот на среќата.


Со поддршката и вклучувањето во оваа иницијатива ќе се испрати и порака до корпоративната јавност, но и до граѓаните да се вклучат во месецот на хуманост. Во месечната хумана активност ќе бидат поканети да се вклучат и неколку познати личности кои исто така ќе учествуваат со приготвување оброци за социјално загрозените семејства.