Оваа книга издадена 1997г, а напишана од Артур Голден претставува историска, романтична приказна која не води во еден сосема поинаков свет полн со мистерија на кој никој не може да му остане рамнодушен. Патувањето низ јапонската култура и она што e едно од нејзините најистакнатите обележја – гејшите, претставува прекрасно доживување благодарение на мноштвото од детали кои се навистина живописно доловени.
Сите познати и непознати ритуали со сипување чај, танцување, свирење, вештина со лепези, но пред се пријатно друштво на машкиот пол со својот надворешен беспрекорен изглед, но и харизма, мудар разговор и дамски манири на една една гејша, се само дел од работите што може подетално да ги дознаете во страниците на оваа книга.
Секако, пред се тука е и животната приказна на Сајури, поранешна гејша која својот живот го раскажува на еден историчар кој пак сето тоа го запишува во облик на мемоари. Суровите животни околности уште во детството, сите жртви кои таа треба да ги помине за да достоинствено зачекори како гејша, но пред се силниот мотив кој ја води кон тоа, ве тера да се поклоните пред нејзиниот лик, но воедно и да почувствувате горчина поради високата цена која е потребно да се плати за да се постане и остане вистинска гејша.
Урнекот за она што претставувало вистинска дама во Јапонија во минатото, но и сеуште во јапонската култура и традиција, навистина може да го видите во главната хероина на оваа книга која топло ви препорачуваме да ја прочитате, доколку се разбира тоа веќе го немате сторено. Веруваме дека искрено ќе ве допре и вистински ќе се соживеете со неа.
По оваа книга следеа и неколку други книги на слична тематика кои не е дека се помалку квалитетни, туку оваа е првенецот кој едноставно мора да го прочитате. Позитивните критики и големата читаност на ова дело, 8 години подоцна (2005г) поттикна создавање на истоимен филм од режисерката палка на Роб Маршал, режисерот на познатиот мјузикл "Чикаго".
Доколку го немате гледано филмот "Мемоарите на една гејша", ви го нудиме трејлерот кој се надеваме ќе ве примами да го погледнете или уште подобро да ја прочитате книгата. Иако филмот навистина доследно ја визуелизира приказната во книгата, во најголем број случаи се покажало дека книгите се подобриот избор за посебно доживување на едно уметничко дело. Останува на вас да се одлучите. Во секој случај уживајте!