Мараја Кери настапи виртуелно на плоштад



Изненадувањето на Дојче Телеком, беше виртуелниот настап на Мараја Кери на плоштадот во Скопје, а истовремено такви настани беа организирани и во Полска, Германија, Хрватска и Црна Гора. Помпезната кампања, која Т-Home и T-Mobile кај нас долго ја најавуваа, резултираше со отворање на голем пакет со розова панделка, од кој можеше да се забележи холограмскиот приказ на Мараја.


Мараја Кери настапи виртуелно на плоштад [Т-Home, Т-Mobile]

Скопскиот плоштад беше преполн со народ – тоа можеше да се забележи и преку стримот преку кој можеше да се следи настанот преку веб. Судејќи по реакциите на друштвените мрежи, многумина очекуваа повеќе од овој настан.


Се чини дека тортата во форма на голема нула и ручекот на плоштад беа далеку подобро прифатени од луѓето. Сепак, задоволство кај Македонците предизвика натписот „Македонија“ и кадарот во кој се гледаше статуата „Воин на коњ“ на преносот во живо. T-Mobile со согласност на публиката го искористи овој настан за снимање на рекламен материјал по повод новогодишните празници што следат.

Во контекст на ова Мараја Кери изведе неколку божиќни песни, од кои на една учество зема и публиката која пред себе ги имаше стиховите на познатата “Silent night”, а во рацете организирано држеше електронски свеќи.  Според нас, иако прерано, дури и за католичкиот Божиќ, на публиката ѝ се допадна изведбата на песната. Од маркетинг аспект, одличен детал беа пакетчињата кои T-Mobile/T-Home ги поставија низ центарот на Скопје неколку дена претходно.


Овој елемент на герила маркетинг беше вистински погодок за луѓето да почнат да зборуваат за изненадувањето кое се подготвуваше. За жал, неизвесноста и шпекулациите околу тоа спласнаа по објавувањето на еден македонски блог дека успеале да откријат што стои е изненадувањето со едноставно прегледување на страницата со алатка за веб страници. Бевте ли вие на плоштад? Сметате ли дека оваа кампања е успешна? Очекувавте ли нешто повеќе?