Македонската композиторка Дарија Андовска вечерва на фестивалот во Марибор



Вечерва, со концертот во Дворана Унион, со кој се затвора Фестивал Марибор, продолжува турнејата на No Borders Orchestra под името B Matinee. Овој проект, чие име сугерира нови почетоци, прави сублимат на современата класична музика и клубската супкултура и ги носи на сцена свежите и исклучителни композиции на пет млади и најактуелни композитори на Балканот, селектирани од уметничкиот раководител и диригент Премил Петровиќ. Проектот одбележува 30 години од падот на берлинскиот ѕид, што е и симболичен пад за различните жанри во музиката на балканските композитори, како и пад на новите граници кои се поставени по распадот на Југославија. Резултатот е нов и привлечен, музика и живост кои не познаваат граници.


Покрај класиците Самуел Барбер, Арво Перт и Ј.С.Бах, на програмата се Драшко Аџиќ (Србија), Давор Бранимир Винце (Хрватска), Данијел Зонтар (Босна и Херцеговина), Дринор Зимбери (Косово) и македонската композиторка Дарија Андовска.

Турнејата понатаму продолжува во Лауба- куќа на уметноста, Загреб, во Белград на фестивалот БИТЕФ и завршува со концерт на Month of contemporary music фестивалот во Берлин, во светски познатиот клуб Бергхајн, кој е дел од инспирацијата за проектот.