НЕПРОСТЕНА НАВРЕДА
Од височините на лажната возвишеност
фрлавте отровни стрели кон мене…
Со отровот ја бришевте црвената линија на пристојност,
подмолно предизвикувајќи го достоинството. Посакувавте нечесна борба!
А имав јас зборови,
војници во строј,
спремни и без оружје
да се борат со вашите навреди.
Но, знаев…ни убавината,
ни топлината на добрината им,
не можеа да ја допрат душата ваша…
злобата предвреме ја замрзнала во езерото на омразата.
Затоа не ја облеков омразата за да го развиорам знамето,
ниту се спуштив да војувам во долината на нечесноста…
Не ми значеше славта од победата над таквите како вас
па не реков ништо.
Молкот го ставив на устата,
а солзите храбро ги собрав од погледот,
без дамки и темни флеки да остане
светлината во моите очи!
Надмено ја кренав главата
и без двобој со здивот на гневот,
си продолжив по патот на времето,
тажно газејќи ја неправдата.
Со чекорот го поведов и
ветерот,
сведокот на интригите,
буден да спие во мисливе…
некогаш ако се изгубам во шумата на заборавот,
да ме потсети на вас,
кога за прошка ќе тропате на вратите од срцево,
клучот двапати да го свртам во бравата,
да не отварам…
Жалам, непростивливи се некои навреди!
Автор: МИЛЕНА ЛУНЕСКА