Кременадли во сос од печурки и бело вино



Сочни кременадли прелиени со вкусен сос, едноставни и брзи за подготовка. Ви предлагаме да ги искомбинирате со пире и свежа салата од рукола. Пријатен ручек!


Состојки:

• 4 свински кременадли (со коска) (дебели околу 2 см)
• 300 гр свежи шампињони
• 1 главица кромид
• 1 супена лажица маслиново масло
• 1 супена лажица путер
• 150-200 мл бело вино
• 150-200 мл павлака за готвење
• малку сол
• малку свежа рокола


Подготовка:

Убаво намачкајте ги кременадлите со маслиново масло од двете страни и посипете ги со сол.
Загрејте го тавчето во кое ќе ги пржите кременадлите без да додавате масло, а потоа пржете ги кременадлите околу 2 минути од секоја страна (или додека не се заруменат). Подобро е да користите тешко тавче со дебело дно за пржење.

Извадете ги кременадлите во чинија, а потоа во истото тавче ставете го путерот да се истопи, па додадете ги печурките исечкани на листови и кромидот исечкан на полукругови. Пржете неколку минути, додека печурките не омекнат.

Додадете го виното и пржете додека половина од виното не испари, а потоа намалете го огинот и додадете ја павлаката за готвење. Убаво измешајте за состојките на сосот да се спојат.

Намалете ја температурата на минимум, вратете ги кременадлите во тавчето, покријте го тавчето со капак или со алуминиумска фолија и оставете го да се динста околу 30-40 минути, или додека месото не омекне.

Послужете ги со свежа салата од рукола и гарнир по ваш избор.