Конференција за образование на наставниците: Неопходна е државна стратегија за мотивација на најдобрите ученици да станат наставници



Идните наставници во текот на своите студиски програми се стекнуваат само со дел од неопходните основни професионални знаења и вештини предвидени со нормативите. Затоа се неопходни дополнителни образовни реформи со кои би се подобриле професионалните компетенции на наставниците во земјава, но тие нема да дадат соодветен ефект доколку државата не ги вклучи и наставниците во процесот на планирање и подготвување на тие реформи. Ова се дел од заклучоците кои беа истакнати на конференцијата „Образовни реформи: предизвици и перспективи во образованието на наставниците” што вчера (15 мај) ја организираше Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) во рамки на програмата за одбележување на 25-годишнината од формирањето на Фондацијата.


Домашни и странски професори и претставници на граѓански организации кои работат на проекти од областа на образованието, на конференцијата ги отворија прашањата за квалификуваноста на наставниците во основното образование во Македонија, како еден од условите за квалитетен образовен процес, а дискутираа и за глобалните трендови на ова поле. На оваа конференција беше презентирано истражувањето „Образованието на наставниците во основното образование во Македонија: Состојби и предизвици” чии автори се пет универзитетски професори, а го издаде Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Споменка Лазаревска, програмска директорка во ФООМ на отворањето на конференцијата ги истакна програмите и реформите во образованието кои Фондацијата ги поддржала во изминатите 25 години. Меѓу бројните активности Лазаревска ги спомена реформата на средното стручно образование, воведување на концептот за матурски испит, поддршката за првото учество на Македонија во ПИЗА истражувањето, првата евалуација на високообразовните институции, изготвувањето на Националната програма за развој на образованието 2005-2015 година, која е првиот, а до скоро и единствениот стратешки документ за образованието изготвен со широко учество на сите засегнати страни, а усвоен од Владата и од Собранието на Македонија. Понатаму програмата за поддршка на образованието на Ромите во која поддршка добија над 1.000 млади Роми, средношколци и студенти за да го завршат своето образование, но и опремување и реновирање на над 850 занимални во детските градинки низ земјава, како и различна поддршка за основните и средните училишта и факултетите во Македонија.    


Страни: 1 2