Кога ќе знаеш дека таа е вистинската за тебе?



Ќе знаеш дека е вистинската кога ќе ја пуштиш внатре во душичката да ти се напика и во сите ќошиња да ја има, од под до таван. Кај да се свртиш – таму да е. Кај да погледнеш – она од таму да ти се смешка. Ќе знаеш дека е вистинската, дека ќе има калауз за да ти ги отвори сите тајни сопчиња што ги криеш од цел свет. И кога ќе влезе таму нема да седи мирна, туку ќе те разубави и цел ќе те исчисти однатре па ќе светнеш, дури ќе блештиш толку што сите ќе се прашуваат од кај сега две сонца, кога едно само беше. Толку да ја има, па дури да претекува низ сите твои пори. Секоја капка крв и пот, секоја солза што постои во тебе – со нејзино име да се нарекува. Ќе знаеш дека е вистинската кога во сите други жени ќе гледаш само мајки, ќерки и сестри. Ќе знаеш дека е вистинската дека и ти ќе станеш вистинскиот.


—-
Автор: Драган Таневски
Колекционер 1-5