Ќе ве расплаче: Чичко Ѓоре 57 години бил на печалба во Австралија. Еве како на крај се вратил



Автор: Драган Таневски


– чичко Ѓоре, колку години беше во Австралија?

– педесет и седум синко. Педесет и седум години, два месеци, шест дена и единаесет часа. Минутите беа ја дваесет, ја дваеспет, не видов убаво, оти матни ми беа очите од солзи.


– сам ли се врати?

– не, со коските на жена ми Живка. Ме заколна со животите на внучињата да не ја оставам да гние таму.


– колку време не е меѓу живите?

– петнаесет години, седум месеци, три дена и… – погледна во џебниот часовник, очигледно многу постар и од него – три часа и седумнаесет минути синко откако престана да и чука срцето. Точно толку. Ни повеќе ни помалку.

– Од што почина твојата госпоѓа, чичко Ѓоре?

– Од тага, синко. Докторите рекоа ракот ја изел, ама тие не знаат. За нив живот е само кога чука срцето. Ама моја Живка беше долго време пред тоа умрена.

– Зошто така?

– Син ми не изгоре. Неа повеќе. Мајка е, затоа. Од неа се корнело, ама недооткорнато беше цел живот. Дете никогаш сосема не можеш да откорнеш од мајка синко. А тој, лесноумен беше. Од мал се фати со лошо друштво. Се дрогираа, крадеа. Неколку пати затвор лежеше. Таман ќе го пуштат, пак ќе направеше беља. Сите соседи се тресеа од него. Еден ден не се врати дома. Ни трага ни глас. Во земја пропадна. До ден денес не знаеме каде е. Го изеде Австралија синко. Ветената земја го проголта… барем да знам кај му е гробот, да го откопам, и него ќе го донесев тука. Да си легне заедно со нас. Белки така нема веќе да прави бељи.

– Други деца имате ли чичко Ѓоре?

– Имам ќерка. Златно дете е. Си најде добро момче и си изродија дечиња. Имам и правнучиња од неа. Да не беа тие, ќе си го скратев животот ехеее, сто пати до сега. Којзнае колку пати така ќе се фатев за револверот и ќе си го стегнев куршумот во чело, ама сликите ќе ми се вратат и прстот ќе ми се закочи. Јас го терам да шкрапне на шкрапалото, ама не ме слуша. „Имаш за кого да живееш“ – ми вели.

– Зошто се враќаш тогаш чичко Ѓоре? Зошто не останеш со најблиските?

– Ме вика земјата синко. Оваа црнава земја што ја газам вика по мене, дури до таму се слуша. Ме буди од сон и ме вика да си дојдам, да ја земам и Живка со мене. Ми зборува како мајка кога вика дете за да го гушне. „Ела, ми вика, ела си дома Ѓоре. Ела си“ – се затетерави и се задржа за една ограда да не падне.

– Да не сте болен нешто?

– Не синко. Здрав сум како дрен. Само премалев нешто. Телото ми држи уште, ама душава ми е скината, пустата. – Извади слики од џебот – Еве го внук ми Џорџ, адвокат е во Сиднеј. Овие се неговите. Жена му Керол е австралијанка, ама ја претопивме во наша. Зборува македонски како тука да е родена. И децата знаат чисто да зборуваат. Малечката, Џени е танчерка. Игра хип-хоп. Постарата, Сузи е со компјутерите. Бистри глави се. Најтешко е синко, кога срцето ти се дели на две. Едното парче тегне за таму, а другото, посилното за тука. А да ме праша некој за што сум дошол овде, не знам да му кажам. Гнила куќа. Испустена земја, зарасната во плевел. Сите од мојот род се или изумрени или отселени. Само некои туѓи луѓе кои не ги знам и не ме знаат… Ама кавалот синко… кавалот никаде не свири како тука. Си го знае местото кај што е роден и тој. Од некое тукашно дрво е изделкан. Штом дојдов овде, веднаш оживеа и запеа како човек жив. Толку години таму се мачев да го натерам да засвири некоја радосна песна, ама нејќеше. Се некои тажни. Живка само ќе ми речеше – немој Ѓоре, немој, душава ќе ми ја препукнеш. И ќе го вратев во џебот. Неколку пати сакав да го изгорам во оган, ама срце не ми даваше…

– Засвири ми тогаш чичко Ѓоре. Некоја радосна.

– За Живка ќе ти засвирам синко. За мојот син ќе ти засвирам. Ќе ти засвирам како си ги скршив двете нозе и никогаш не отидов во Австралија. За Живка и за син ми Тодорче, како седат живи и здрави тука во гнилава куќа. Сиромашни, ама живи и здрави. Таа весела песна ќе ти ја засвирам синко.

Автор: Драган Таневски