Како да се справите со неподносливи луѓе на работа



kako da se spravam so nepodnoslivi karakteri na luge na rabotnoto mestoБило да се работи за нивните навики, нивната мрзливост или едноставно фактот што нема никакви шанси да престанат да зборуваат (и да им пречат на другите), секој би сакал да знае некој добар начин како да се справи со овие неподносливи карактери на луѓе. Ви звучи познато? Иако овој проблем не е изразен при почеток со работа, сепак подоцна може да ви ја уништи продуктивноста или потполно да го убие вашиот морал и ентузијазам за работење. Ако имате колега/колешка кој ви ја гази мотивацијата за работа, нешто мора да превземете. Но, тоа не е секогаш лесна работа.


Во ниту еден момент не заборавајте дека работите 40 часови неделно, па последното што треба да ви падне на памет е да створите непријател и бојно поле на работа. Со други зборови кажано, бидете внимателни. Ако не се справите со колегата/колешката што ви иде на нерви правилно, ќе имате поголем проблем отколку доколку не превземете ништо во врска со него/неа.

Генерално постојат 6 добри проверени пристапи во чести ситуации за да излезете на крај со тешките карактери на луѓето кои ве опкружуваат на работното место.


Озборување

Најдобар приод е кога на работа се озборува, да слушате внимателно, но никако да не се вклучувате во него. Колешката што нон-стоп озборува сака да добие повратна реакција на одобрување. Не потпаѓајте на провокациите. Ако само седите и слушате, после некое време ќе и здосади и ќе се префрли кон некој со поизбувлив карактер.


Дрдорење од 8 до 16 часот

Ако сте забележале дека имате работа со дрдорка што не престанува да ломоти цел ден, најдобра финта е да си најдете некој изговор зошто немате време да ја слушате како раскажува колку добро си поминаа во диско претходната вечер. Најголем дел од луѓето би ве разбрале доколку им објасните дека имате навистина итни задачи кои мора да ги сработите.

Љубомора

Понекогаш може да се случи, да има некој на работа што, едноставно не ве сака. Можеби е љубоморен поради тоа што разбрал дека сте добиле поголема плата месецов, ве унапредиле или на било кој начин вашето присуство и работа извршиле влијание и промена врз нивната работна околина. Што и да е причината, најдобриот пристап е да ги задржите добрите односи. Бидете културни, викајте „Здраво!“ и бидете љубезни како и кон останатите колеги, но ништо повеќе. Избегнувајте ги секогаш кога тоа е возможно и не паѓајте на провокациите.

Преголема самоувереност

Ви текнува на овие? Ова се оние што што и да направат, секогаш се во право и секогаш нивните резултати се најдобри, најбрзи, нај, нај, нај… Сѐ е нај кај нив :). Во некои случаи дури, за сметка на нивната точност, сѐ што правите вие е погрешно и тие како подобри нели, секогаш се тука да ве поправат (да ви солат памет). Океј, слушнете го нивниот „совет“, и ако сте сигурни дека начинот на кој што вие работите е добар и дава резултати, продолжете по вашиот начин. Ако шефот ги гледа добрите резултати, вашиот „советник“ можеби ќе се чувствува малку огорчено, но кога-тогаш ќе мора да го прифати вашиот начин на работа.

Мрза

Ова се оние што висат на Фејсбук по цел ден, или киснат на Твитер или едноставно читаат (понекогаш на глас) дневни вести. Но, тоа не е најголемиот проблем со нив. Вистинскиот проблем е што на крајот од денот, некој ќе мора да ја сработи и нивната работа. Многу често овие луѓе ќе се обидат да се „шлепаат“ врз нечиј туѓ грб и труд. Затоа, најдобро е во лице да им соопштите дека не можете вие да им ги завршувате нивните задачи и да се фатат за работа. Ем вие ќе се чувствувате подобро дека нема да треба да работите туѓа работа, ем колегата ќе научи да си ги прифати работните обврски како и сите останати.

Жалење

Има некои луѓе, што се жалат толку многу, што ви доаѓа да помислите дека навистина уживаат во тоа. Што и да се случи, тие секогаш ќе најдат нешто и ќе се жалат дека не чини. Најдобро е да се обидете да ја смените темата. Доколку ова не успева, применете го методот на, „Извини, шефот бара нешто итно од мене. Ќе зборуваме подоцна“. Понекогаш тој што секогаш се жали сака внимание или емпатија, а ако не им го пружите тоа, постои поголема шанса дека ќе ве остават на раат.