Како да го натерате детето да чита за време на летниот распуст



Летото на децата им остава многу слободно време. Како да ги научите вашите најмили дел од тоа време да го искористат дружејќи се со книгата? Како родител, имате улога на прв и најважен учител.


Еден од предизвиците со кои ќе се соочите е да го натерате вашето дете да чита книги (лектири, по можност) за време на летниот распуст. За да го постигнете ова, ви предлагаме неколку ефикасни стратегии кои можете да ги примените:

Како да го натерате вашето дете да чита за време на распуст


Искомбинирајте ги активностите на детето со книги

На пример, децата обожаваат да одат на плажа. Зошто да не понесете и книга покрај останатите реквизити за на плажа? Или ако одите во зоолошка градина, купете му на детето книга за животните кои може да ги види таму – ќе биде пресреќно кога ќе ги препознае. Доволно е дури да ја поттикнете љубопитноста на детето да ја отвори книгата додека се возите во автомобил до таму.


Однесете го во библиотека или книжарница

Иако може да ви звучи невообичаено, сепак и библиотеките можат да бидат интересни за посета. Вработените таму сигурно ќе имаат некоја добра препорака при рака што може да бидат возбудливи за децата. Книжарниците се сѐ подобро опремени со изданија за деца, така што најверојатно имаат барем две-три книги од областите во кои детето покажува интерес.

Бидете родител за пример

Децата многу сакаат да бидат како нивните родители! Уште повеќе, не би било во ред да барате од детето да чита, кога вие самите не практикувате таква активност. Не заборавајте да му покажете на детето колку уживате во читањето на книгата, и да му спомнете дека доколку сака, може да му најдете книга токму за него!

Читајте заедно со детето

Направете го читањето заедничка активност – но, уживање, а не мачење :). Купете книги со многу слики, каде што детето ќе може да ги идентификува ликовите, а вие бидете малку креативни – интерпретирајте неколку параграфи со цел да ги направите позабавни и да ја поттикнете љубопитноста на детето, да сака да праша „И што се случува понатаму со ____ (јунакот од книгата што ја читате)?

Купувајте и списанија

Не сите активности треба директно да допринесуваат за вашето дете да чита. Затоа, купувајте списанија, и тоа од различни области, може да е тоа мода, готвење, фитнес, здравје… Веројатноста дека детето во текот на денот ќе се запраша „Што е ова?“ и ќе помине дел од денот во читање е во прилог на вашата конечна цел да му створите навика за читање.

Набавете книги за кои детето веќе го гледало филмот

Многу често Холивуд прави екранизација на некоја книга – тоа можете да го искористите во ваша корист. Многу е поголема шансата дека детето ќе сака да ја прочита книгата доколку му се допаднал филмот. Типичен пример за вакви ситуации се серијалот „Хари Потер“ и „Господар на прстените“.

Не претерувајте

Сите луѓе се различни – не инсистирајте детето да чита кога вие сметате дека треба да чита. Оставете му слобода самото да одбере термин, но не дозволувајте сосема да ја заборави книгата. Исто така, не го користете авторитетот за да му го забраните компјутерот или телевизорот, за тоа да биде принудено да чита. Верувајте, така би постигнале само обратен ефект.   Дами, успевате ли да го натерате детето да чита во денешно време, покрај забавата што ја нуди Фејсбук и видеоигрите?