Јога – мистерија или наука?



Веројатно од многу ваши познаници сте чуле “Одам на Јога”, а вам можеби тоа ви се слуша како “Oдам на некоја мистерија” или пак дека таа е добра за здравјето. За да го демистифицираме овој феномен на денешнината кој е доста актуелен, но и корисен, а можеби и да ве поттикнеме да воведете нешто ново во вашиот живот, еве ви можност да откриете на што е Јогата.


Јогата различно се дефинира. Како уметност на живеењето, како најважна и најхолистичка наука за човекот, како еликсир на современто живеење итн. Во секој случај, нејзината цел е преку јогиската практика т.н. садана, да се врати изгубената рамнотежа, да се биде во контакт со себе и да се воспостави хармонија во животот, баланс меѓу активностите и одморот, меѓу стресот и релаксацијата, меѓу надворешното и внатрешното. Таа всушност претставува физичка, ментална и спиритуална дисциплина која своите корени ги влече уште од античка Индија.


Таа често се асоцира со медитативните процеси на Хиндуизмот, Будизмот и други источни учења. Оној што ја практикува јогата или ја следи нејзината филозофија со висок степен на посветеност се нарекува јогин, а тоа се најчесто учителите по јога. Постојат различни видови јога како: раџа-јога, хата-јога, бакти-јога, карма-јога итн.  кои се фокусирани на различни аспекти од човековото битие. Исто така, постои и т.н. интегративна јога која ги комбинира сите претходно наведени. Според намената за различна старосна група, постои јога за деца, за млади, за стари лица, а многу актуелна денес е специфичниот тип на јога, јогата за бремени жени.

Јога - мистерија или наука?


Општо јогата помага во спознавањето на неискористените потенцијали и откривањето на новите можности во себе, придонесува за помалку стрес, а повеќе спокојство, за мирна и мудра старост, претставува и мевлем за физичкото и психичкото здравје, справување со инхибирачките навики и ставови, зголемување на енергијата и подобрување на концентрацијата што ја буди способноста за оздравување и креативност.

Тоа се постигнува преку повеќе видови на техники кои вообичаено се работат во комбинација за да се постигне целосен ефект. Тие претставуваат вежби за телото, умот и дишењето што значи дека тие го ангажираат човекот во целина. Вежбите се изведуваат со внимание, со свесна контрола, со контрола на дишењето и напрегањето. Така вежбањето не заморува, туку напротив ја подига енергијата на повисоко ниво.Тука спаѓаат: техниките на прочистување (шаткарма), телесните положби (асани), техниките на дишење (пранајама), техниките за енергетска контрола (банди и мудри), релаксацијата, концентрацијата и медитација, кои подетално ќе бидат разработени во наредните написи од оваа подкатегорија.

Покрај вежбањето јога која носи хармонизирана состојба неколку пати неделно, нејзината крајна цел е да се применува во секојдневието и да постане начин на живот. Со поголемата будност за себе и своите реакции, да се разликува што е она што носи вистинско задоволство и исполнување, а што оддалечување од тоа, да се научи дека најдобар начин за заштита од некорисните и негативните мисли е одржувањето на позитивен став во себе, дека простувањето носи смирување и дека успехот да се стане порелаксиран и попозитивен, ќе направи проблемите да изгледаат полесни и решливи, а животот полн со смисла.