Погледни ме. Очиве ќе ти раскажат бајки, ќе те одведат на места каде што никогаш порано не си бил, ќе ти ги разгалуваат сетилата, ќе те мамат на страст.
Погледни ме. Очиве мои се огледало на твојот свет. Таму сместувам илјадници воздишки, кои љубоморно ги кријам од очите на другите, од очите на неверниците, осамените, злобните…
Погледни ме. Во моиве очи само љубов ќе пронајдеш. Искрена. Никогаш нераскажана. За тебе. Ќе ти ја раскажувам. Секој ден, одново и одново. Ќе се вљубиш во раскажувањето. Ќе ти стане насушна потреба.
Погледни ме. Очиве мои ги знаат сите твои тајни. Ги лекуваат твоите лузни. Те тераат да заборавиш на минатото. Прават душата помалку да те боли.
Верувај ми. Оти јас сум само вљубена жена со очи на дете. Жена која љуби, силно, како никогаш досега оти можеби со тебе сознав што е љубов. Жена која ќе те воздигнува до небесните височини се додека правиш да се чувствувам како да сум единствена. Жена која ќе го помине векот со тебе оти во тебе нашла парче сродна душа. И имам очи на дете. Онакви искрени и нежни, кои ќе гледаат само во тебе и дестинацијата кон која сакаме да стигнеме. Очи како на дете, оние кои ќе разбираат повеќе од возрасните и секогаш ќе те канат на прегратка…
Извор: Убаво.мк