Интервју со д-р Елена Арсова: Како да препознаете сезонско опаѓање на косата?



Сте имале чувство дека вашата коса е погуста во зима а поретка во текот на пролетта и есента ? Имате чувство дека токму сега косата опаѓа повеќе? Токму на оваа тема разговараме со д-р Елена Арсова трихолог и медицински директор во 101 Hair Clinic.


Lady: Зошто се јавува сезонско опаѓање на косата?

Д-р Елена Арсова: Секое влакно има животен циклус коe трае од 2 до 5 години кога влакното расте. После периодот на раст следува фаза на опаѓање. Во било кој момент 10 проценти од косата е во фаза на опаѓање таканаречена телогена фаза што резултира со губење на 50 до 100 влакна секојдневно. Но во есен, доаѓа до преминување на поголем процент на влакна во телогена фаза и последователно зголемено опаѓање на косата со преку 100 влакна на ден. Има различни теории кои се обидуваат да го објаснат овој феномен, но најголем дел од нив се поврзуваат со влијанието на сончевата светлина. Кога сме помалку изложени на светлина нашиот организам произведува мелатонин, кој влијае на фоликулите на косата продолжувајќи и поддржувајќи го растот на косата и затоа во зима косата расте повеќе и имаме чувство на поголема густина на косата.


Група шведски истражувачи кои го истражуваат феномен на сезонско опаѓање сугерираат дека косата се одржува повеќе во тек на лето за да се заштити скалпот од топлото сонце и УВ зраците. Сепак, во јули голем дел од влакната влегуваат во телогената фаза на опаѓање која трае три месеци, затоа почеток на октомври почнува да опаѓа косата.

Lady: Како може да препознаеме сезонско опаѓање на косата?


b34b7b0c7645e05c924d207716ee3633

Д-р Елена Арсова: Се јавува во октомври или ноември и трае од 4 до 6 недели а најчесто опаѓаат околу 150 влакна на ден. Единствениот вистински начин да бидете сигурни дека е сезонско опаѓање е да го следите феноменот преку повторена шема во текот на две до четири години. Но како што одредено опаѓање е нормално , исто така и повторен раст е очекуван и нормален. Покрај интензивното сезонско губење на косата многу значајно е да постои и брза регенерација на косата. Тоа значи дека нема да се јави дискрепанца меѓу степенот на опаѓање и растот па како резултат густината на косата ќе се врати во нормала за неколку месеци. Ниту еден период на сезонско губење на косата не треба да трае повеќе од четири до пет недели, по што новата коса треба да почне повторно да расте.

Lady: Дали сезонското опаѓање може да остави последици по косата?

Д-р Елена Арсова: Иако сезонското опаѓање е нормално, значајно е да се диференцираат знаците кои укажуваат на други форми на опаѓање. Ако опаѓањето трае подолго од 6 недели, тогаш веќе не станува збор за сезонско опаѓање. Доколку косата не се регенерира за неколку месеци целосно, тогаш повторно треба да се бара друга причина, а не сезонска промена. Ако косата опаѓа и се истенчува по одреден образец тогаш станува збор за наследна ќелавост, а не сезонско опаѓање.

autumn_colors07

Личностите кои имаат нормална густина на косата, најчесто имаат и комплетна регенерација. Не е исклучена можноста нешто да тргне во лош правец и да не се случи целосно обновување на косата. Пример, изразена анемија во тек на сезонското опаѓање ќе го компромитира нормалното обновување. Луѓето пак кои веќе имаат видливо проретчување многу често забележуваат влошување во состојбата на косата како резултат на сезонското опаѓање.

Lady: Што може да преземе кога ќе се јави сезонско опаѓање?

Д-р Елена Арсова: Сезонското опаѓање треба да го прифатиме како нормален феномен. Стресот околу појавата на сезонското опаѓање нема да ни помогне. Кај нормална густина на косата, препорачувам да се продолжи со нормалната рутина на нега на косата, со нормално миење и нормално чешлање. Ако косата опаѓа сезонски, таа ќе опаѓа независно од чешлањето или миењето а нормалната нега ќе помогне во побрза регенерација. Користете помалку производи за стилизирање кои можат да ги зачепат порите и да ја слепат косата и да го влошат опаѓањето. Не ја врзувајте многу во текот на есента, затоа што со механичката тракција ќе придонесете за опаѓањето. Тоници за нега на скалпот се добри за побрзо обновување на косата, балансирана исхрана богата со антиоксиданси, витамини и протеини исто така е значајна. Кај личностите кои веќе имаат проблем со проретчување на косата, препорачувам редовна терапија за да сезонското опаѓање не остави последици по густината на косата.