Имав празнина во душата, еден кратер што ми го ископа еден изрод и зјаеше така … Мислев да дигнам раце од се, но …



Автор: Драган Таневски


ЗАГУБА

Почитувана К. Се викам Елена. Не ме знаеш, ама најискрено, ми направи огромна услуга. Имав една празнина во душата, еден кратер што ми го ископа еден изрод и зјаеше така како пештера некое време. Се населуваа некои лилјаци и други ноќни суштества што не ми даваа мир цели ноќи. Животот ми стана неподнослив кошмар. Мислев да дигнам раце од се, но тогаш сретнав една прекрасна личност со слична таква дупка во душата. Ти си му ја ископала.Некој рекол – од две скршени се прави едно идеално цело. Е, мене баш тоа ми се случи госпоѓо драга. Нема да те именувам со целото име. Ова „почитувана“ ни случајно не го мислам. Дури и ова „К“ го измислив. Знаеш зошто? За да се пронајде во овој текст секоја шмизла што ќе повреди некого толку јако. Не ме познаваш. Не те познавам. Ама те знам на еден поинаков начин. Гледам како си го повредила скоро до инвалидност. До таа мера, скоро да престане да чувствува било што. Знаеш што? Он не ми кажал ни збор за тебе. Не дека нема што да каже, туку затоа што е џентлмен. Не знам како си можела да повредиш такво суштество. Не знам ни како си можела воопшто да оставиш таков човек.


Не велам дека е совршен, ама гледам колку се труди да биде човек. Знаеш што значи тој збор? Не верувам. Но еве, јас повнимателна личност не сум сретнала. Поинтелигентен соговорник не верувам дека постои. Повнимателен слушач исто така. Ме гледа и ме слуша како да сум најпаметната жена на светот. Знам дека не сум, ама он прави така да се осеќам. Подобар љубовник не би можела ни да замислам. Ете и тоа го кажав. Ама погледот. Погледот му ги надминува сите други особини. Дури и кога спие му ги чувствувам тие загрижените очи. Како да се плаши нешто да не ми се случи. Како да сака да ми го осветли патот со нив. Како да сака да се увери дека нема и јас да го скршам и да го напуштам. Ти не знаеш каков грч има во тој поглед. Што си му направила жено? Еве се чудам на таа ваша предаторска сорта. Одите наоколу по светот глумејќи јагненца се додека не му се напикате на човек во душата. А ќе ве пушти, дека целите сте така убави, бели и кротки. Се додека не осетите дека нема веќе каде да бега. Потоа ви се отвара таа шакалската лигава муцка полна со остри заби. Тогаш ќе ви штракнат грозно вилиците. Тогаш ќе загризете подло и ќе откинете парче од душата. Од најубавото во човекот ќе откинете.

И ќе го оставите да се витка како заклано јагненце во локва крв. Ако има среќа да преживее, тоа потоа ќе бега и од сенката на се што наликува на човек. Гадови над гадовите. Како се најдовме на иста планета со вас? Чиј пород сте вие? Мора некоја змија да ве родила. Жена сигурно не. Змиско млеко сте се нацицале. Полно со злоба и итрина. Кој друг би каснал така ниско и подло освен змија? Би зборувала уште долго вака истурајќи си го гадењето и гневот кон такви како вас, но сепак, госпоѓо К, морам да оставам место и за едно фала. Фала што го остави жив. Фала што ми го препушти на мене. Знам дека си некаде низ светов и ловиш друга жртва. Знам дека не читаш вакви текстови. Но некогаш ќе се сретнеме. Ќе ни се вкрстат патиштата. И ќе го видиш со мене. Среќен и светнат целиот.


Подмладен и полн со енергија светот да го помести ако треба. Ќе ти биде криво што не е свиткан во грч, со испиени и мрачни очи, како бега ко исплашено и измалтретирано кутре со кое се изживувале некои изроди. Ќе те здоболи таа негова нова светлина. Среќата негова ќе те здоболи. И тогаш ќе те препознаам. Погледот ќе те издаде. На разминување само ќе ти шепнам – „ТИ ИЗГУБИ“