И денес е голем христијански празник! Се слават светите Јоаким и Ана



Свети Јоаким беше син на Варпафир, од Јудиното колено, и потомок на царот Давид. Ана беше ќерка на свештеникот Матан, од коленото Левиево, како и првосвештеникот Арон, пишуваат од mpc.org.mk. Тој Матан имаше три ќерки: Марија, Совија и Ана. Марија се омажи во Витлеем и ја роди Саломија; Совија се омажи исто така во Витлеем и ја роди Елисавета, мајката на Свети Јован Предвесник; а Ана се омажи во Назарет за Јоаким и во својата старост Ја роди Пресвета Богородица. Јоаким и Ана живееја во брак педесет години и беа бесплодни. Живееја богоугодно и тивко и од сите свои приходи само една третина употребуваа за себе, другата им ја раздаваа на сиромасите, а третата ја жртвуваа во храмот. А беа доволно имотни.


Еднаш на старост, кога одеа да му принесат жртва на Бога во храмот, првосвештеникот Исахар го укори Јоаким: „Не си достоен од твојата рака да се прими дар, бидејќи си бездетен.“ Така и другите што имаа деца го туркаа Јоаким зад себе како недостоен.

Тоа многу ги нажали овие две стари души, па дома се вратија во голема тага. Тогаш обајцата припаднаа на молитва кон Бога за и ним да им направи чудо како некогаш на Авраам и Сара и да им подари едно дете за утеха во староста. Бог им го испрати Својот ангел, којшто им го објави раѓањето на нивната преблагословена ќерка, со Која ќе се благословат сите народи на земјата и преку Која ќе дојде спасението на светот.


И Ана зачна веднаш и во деветтиот месец Ја роди Пресветата Дева Марија. Свети Јоаким поживеа на земјата осумдесет, а Ана седумдесет и девет години и се преставија кај Господ.