Емотивна приказна: „Сега знам мамо, сега јас сум ти“


Кога бев малечка, често се шегувавме дома дека мајка ми јаде “на нога”, оти искрено ретко го окупираше своето столче на масата. Со детска наивност ѝ велевме „Кој што ќе дојаде последен, ги мие садовите”. И така беше секогаш, без исклучок, додека таа да седнеше на масата, ние веќе го дојадувавме последниот залак. Погодете кој ги миеше садовите. Па, се знае, мама.

Ситуацијата тогаш ни беше интересна и смешна, а и мајка ми се смееше заедно со нас. Сега можам само да се поклонам пред неа и да ѝ дадам орден за издржливост. Да, сега конечно можам да влезам во нејзините чевли и да погледнам на нашето детство низ нејзините очи.

Кога се враќам дома по работното време, сè што сакам е да го гушнам моето дете и да му ја стуткам набрзинка омилената ужинка или вечера, а потоа долго, долго да се раниме. Среќна сум со секој проголтан залак. Постојат илјадници мајки кои секој ден леат солзи зашто нивните деца не сакаат ни да го помирисаат оброкот кој тие со часови го готвеле.

Се разбира дека јас не јадам, во тие моменти се хранам од среќата на моето лакомо човече или пак ќе каснам нешто на нога колку звукот на цревата да не го ремети него. И пред мене излегува ликот на мајка ми, а таа ми се смее мене.
Сега знам мамо.

Кога денот ќе заврши и јагнињата ќе стивнат, тонејќи во сладок сон, мене ме чека валкано изненадување во мијалникот. Ги засукувам ракавите и се фаќам за работа. Додека тријам со сунѓерот со последните сили, во мислите повторно карајќи се со маж ми дека и тој има раце за да помогне, ја гледам мајка ми.
Сега знам мамо.

Страни: 1 2