Една песна посветена на љубовта



Автор: Милена Лунеска


ЉУБОВ

Безброј пати бегав од тебе и од љубовта твоја искрена!

Се плашев од убавината, од чистината…


премногу бев валкана за белината!

Како крадец бегав од прегратките,


од топлината… студ и мраз имав во градите,

се навикнав да ги пластам сантите!

Сонцето што ме стопли и пламенот во очите…

мислев, свети за другите!

Ех, ти жеден за љубов,

среде пустина во мене пронајде оаза,

бунар со чиста вода!

А јас, вешт трговец со солзите, само тебе, без пари,

со капки те напив…

голтките, одамна на други ги наплатувам!

Уморена од лагите и тагите,

себичен ловец на самотија,

скитник во соновите,

лесно ти ги препознав зборовите,

па, наивно и искрено,

трагите ги покажав…

посакав, во срцето твое да завршат!

Избркај ги сенките од минатото

и на домот, дај му ново име!

Ти, закопчај ја со душата љубовта наша,

како скапоцено одело!

Јас, во бело ќе ја облечам среќата!

Отворија вратата,

свеќано да го пречекаме-

ЖИВОТОТ!