Драган Таневски: Ворп-погон



Автор: Драган Таневски


Ти доаѓа така понекогаш да се преселиш на пуста планета. Смачено ти е од квази пријатели, квази верници, квази политичари, квази општество. Етикети. Насекаде етикети. Денес сите имаат колор принтери.

Знаеш како лесно се печати етикета? Човек денес може да стане што сака, и тоа со еден клик на копчето – „принт“. После си ја лепи на чело етикетата и во моментот станува некој друг. Поточно – нешто друго. Се, само не она што навистина е.


И така, фино се вклопува во толпата, како и секој добар клон, нели? И те загледуваат попреку дека ти не си етикетиран. Одеднаш се чувствуваш како клингонец залутан во реалити шоу. Со расипан ворп-погон. Во воздухот лебди анатема насочена кон твоето слободно постоење. Дека тебе не ти требаат етикети за да постоиш. Ама кој тоа да го разбере. Не си ти намќор на кој се му смета. Не, Бог ти е сведок дека не е така. Но си сфатил дека животот е многу повеќе од етикети.

Моќта на комуницирање му е дадена на човекот од многу повозвишени причини. Емоциите се дадени во нив да се облече човекот, а не да ги сокрие со облеката и со сите оние етикети. И очите! Очите не се дадени за да гледаат во земја. Во универзум создаден од најмалку седум димензии, се најдовме на планета со едвај четири, од кои луѓето научиле да постојат само во две.


Баш добро се реализирал човечкиот род, нели?