Драган Таневски: приказна за животниот пат на еден „статист“



Автор: Драган Таневски

Најрано детство. Првите слики – насмеани луѓе, торта со две свеќички и аплауз откако таа успешно ги изгасна пламенчињата со напрченото муце. Прегратката на татко и, и неговите груби, а толку нежни раце. Мајка и беше малку строга, ама мајка ко мајка, дур да трепнеш ќе заборави зошто се налутила. Долгите, топли лета поминати на улица, ластик и жмурка… Првите школски денови, првите петки.

Животот изгледаше како бајка. И тогаш – пубертет. Очите сами шаркаат по момчињата кои веќе осеќаа потреба да се докажуваат пред девојчињата. Оној чуден црв што глода во мешето кога некој од нив ќе ја погледнеше… Да, летните бајки секогаш завршуваат со солзи без причина. Аха… Да. Без причина. Дека причините не знаат ништо за тинејџерските солзи. Причините си се обични и секојдневни нешта. Црни очи, кадрава коса, мускулесто тело и див, нескротлив дух. Ништо посебно, нели? Тогаш почнаа пораките на изгужвани ливчиња со отпечаток на усни со кармин. Оној црвениот кармин што мајка и го чуваше само за свадби и слави.

И тогаш дојде и првиот бакнеж. Заедно со него дојде и некоја друга возбуда. Длабока и скоро нестварна. Посилна од оној чудниот црв што ѝ глодаше во мешето. Посилна и од неа самата. После и кажаа дека тоа се викало љубов. Ама па и љубовта, зар не знае да се претстави како што си е редот? Мора ли да дојде како ненајавена гостинка баш кога дома се ти е несредено? Е таква е таа. Доаѓа и веднаш ти отвара по шкафови и ти бара бел фустан и бели чевли… ехеее. Се погледна себе во огледало. Сите и велеа – ангел! Ангел си од небото. Ќе се вљуби до уши во тебе, и никогаш нема да те остави. И таа веруваше. Веруваше во бајки. Но не за долго…

Откако им се родија две прекрасни девојчиња, бајката се чинеше како да е на последната страна. А писателот веќе беше уморен од пишување. Така е. Некои писатели бргу се заморуваат. Затоа има толку несреќни луѓе. А таа имаше среќа нејзиниот писател да биде баш таков, мрзлив и сенилен. Тврдеше дека му снемало мастило и ќе оди да набави… Ене, уште доаѓа. Тогаш се отворија едни потемни страници. Нејзината љубов остана само нејзина и на двете ангелчиња. Нејзиниот избраник се измори од улогата на сопруг и татко. Си замина барајќи улога во некоја друга бајка. Ама бајките престануваат да бидат бајки кога принцовите се претвараат во жаби, нели? Тогаш ги нарекуваме – секојдневие. Нека. Не е ни прв ни последен принц кој станал жаба по свој избор. Но таа спремно и храбро ги прочита мрачните страници на својата приказна.

Се соочи со животот како што знаеше и умееше. И тоа ја направи силна. А силните луѓе престануваат да веруваат во бајки. Силните луѓе им даваат отказ на своите неспособни писатели, па земаат хартија и почнуваат самите да ја пишуваат својата приказна. Отпрво многу невешто, но со текот на времето се посигурно. Дури виртуозно. Одвреме навреме ќе погледнат во небото, ќе ги склопат рацете и тивко ќе побараат инспирација, барем за уште две-три странички. И продолжуваат кај што застанале. Таа се научи да верува во своите бајки. Се научи да живее во нив. Сега знае на кого да му ги даде главните улоги. Не, таа нема повеќе да биде статист во сопствениот живот! Никогаш повеќе!