Драган Таневски: писател не се станува по избор – некако тоа ме одбра мене



Кои писатели ве инспирираат?


Авторот на Библијата највеќе. Другите би биле руските класици, со посебен акцент на Јесењин. Од поновите генерации, Буковски, Андриќ. Меша Селимовиќ. Мика Антиќ. Душко Радовиќ. Петре М. Андреевски.

Што се имате напишано досега?


Статуси на фб, колумни, приказни за деца и оние кои така се чувствуваат, романи, есеи, поезија, текстови за песни, околу стотина композиции.

За што се работи во вашите книги?

За човечка интеракција. За демистификација на непотребно мистифицираните теми. За убавото во нас, за ѕверското во нас. За оној моќниот мотор кој скршениот и отфрлен човек може да го направи џин, а чие гориво е исправната мотивација. За инспирација, за хероизми на малите луѓе, за враќање на вистинските вредности. Тоа се моите теми на размислување, па веројатно од таму произлегуваат и текстовите.

Што сакате да читате приватно?

Јас сум како оној тасманискиот ѓавол кој јаде се и сешто. Читам се што ќе ми налета. Искрено, резервиран сум (со право) од извикани автори и дела. Сакам да се изненадам од некој автор кој од полу-анонимност успева да направи поголем импакт врз читателскиот свет отколку сите овие со големо име и презиме. Еве, Џек Лондон на пример.

Што ве инспирираше да седнете и да пишувате книги?

Види, писател не се станува по избор. Знам дека јас не го одбрав тоа. Некако тоа ме одбра мене. Со сила ми го шушна перото во рака и почна да ми диктира. Понекогаш едноставно немаш избор, ме разбираш?

dragan2

Од каде добивате идеи и што ве инспирира?

За човек кој сака да гледа и слуша со сите сетила, инспирација има во изобилство. На пример, пред неколку дена дознав дека татко и син се помириле после 17 години изолација и екскомуникација. Тоа мала тема ли е за една новела на пример?

Што беше најтешкото додека ја пишувавте вашата последна книга?

Се е најтешко. Не се мери тоа на вага. Ниту пак постои таква вага. Но, еве најтешко е да ги смириш бумбарите што ти брчат во глава и да ги натераш еден по еден да се изјаснат. И после – пишуваш. И губиш чувство за ден и ноќ. Тешко не е во секој случај. Животоважно е, затоа не ти е тешко.

Кои се вашите мисли во однос на критиките?

Јас сум човек од асфалт. Ниту ме интересирале ниту ќе ме интересираат мислењата на оние кои се од фотеља. Мој брат, моја сестра е секој што напорно работи за да не застане машината наречена човечки род. И само нивното мислење ми е важно. Макар да е и само поглед. Или солза. Или испружена рака. Тоа се моите критичари. Така се разбираме ние.