Драган Таневски: Остани сам. Тоа помалку боли од осаменост. Остави не нас лудите и штракнатите да се заљубуваме



Осаменоста доаѓа од преголемата близина. Ако сакаш никогаш да не ја почувствуваш осаменоста, немој да се зближуваш со луѓето. Немој никогаш да се заљубуваш. Дека љубовта и блискоста доаѓаат со голем ризик. Види, едно е да си сам, а сосема друго е да си осамен. Не се чуди. Не е исто тоа.


Еден себичен човек кој се сака само себе, може да биде сам, но нема да чувствува осаменост, бидејќи со него е личноста која единствено ја сака – самиот тој. За разлика од него, еден друг човек, кој ги сака луѓето и живее за нив, се приврзува многу силно.

Се прилепува цврсто за нив и тие стануваат дел од неговото тело. Како витални органи. Како потпорни столбови на куќа. Земи и го на куќата столбот и што ќе се случи со неа? Земи му на човек некој витален орган и што ќе се случи со него? Затоа, ако не си спремен да ги носиш овие ризици, остани си себичен човек.


Немој да дозволиш никој да ти се приближи. Немој никогаш никого да засакаш. Остани сам. Тоа помалку боли од осаменост. Остави не нас лудите и штракнатите да се заљубуваме. Остави не нас будалетинките да ризикуваме. Ние знаеме што не чека и свесно го прифаќаме тоа. Но вие никогаш нема да разберете зошто го правиме тоа. Вие никогаш нема да дознаете што пропуштате.

Автор: Драган Таневски