Закажан царски рез во 7 наутро. Страв, возбуда, не ни сонував каков хорор следи.
Спинална анестезија, јас будна, пратам што се случува цело време. Бебето го извадија за кратко, го слушнав како плаче и веднаш го однесоа. Очекував да ме сошијат, и крај. Ама не. Слушам дека нешто не им оди како што треба. Слушам дека никако не можат да го допрат крварењето. Се вртам лево од мене гледам цел куп гази со моја крв, почнува да ми се врти и да ми се стемнува и плачам ги молам да ме спасат да не искрварам. Слушам како трчаат и носат кеси крв од трансфузиологија. Ја молев една од сестрите да ме држи за рака, да не се чувствувам толку осамено и исплашено, да ми даде малце утеха. Го молев анестезиологот да ме утеши дека се ќе биде добро. Ги молев сите присутни да ми кажат нешто позитивно, добра вест. Три часа. Хоророт траеше цели три часа и јас цело време бев будна и цел живот ми помина пред очи. После три часа, слушнав “ајде веќе затворај ја не крвари веќе”.
Јас во полусвест, немам веќе сила, ама не сакам да заспијам.