Добри сообраќајни навики кои ве прават безбеден возач



Да бидеш добар возач не значи само да располагаш со добри возачки вештини и техники туку и да бидеш безбеден возач кој ги почитува сообраќајните правила и прописи, возач кој ги почитува останатите учесници во сообраќајот, кој е толерантен и кој секојдневно демонстрира високо ниво на  култура и етика во сообраќајот.


Со цел да ги разбуди добрите сообраќајни навики Републичкикот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата  ги потсетува возачите:

  • Кажете му „Не“ на мобилниот телефон додека возите. Користењето на мобилниот телефон за време на возењето е најчеста и најлоша навика кај возачите и за жал, честопати претставува причина за предизвикување на сообраќајни незгоди. Затоа, бидете одговорен возач и оставете го телефонот далеку од вас, одлогирајте се од социјалните мрежи, бидете концентриран возач и уживајте во возењето.
  • Почитувајте ги правилата за ограничување на брзината, затоа што нивното прекршување е опасно, небезбедно и се казнува со соодветна санкција согласно ЗБСП. Бидете смирен возач, прилагодете ја брзината на патот за безбедно и навремено да пристигнете на посакуваната дестинација.
  • Намалете ја брзината на возилото секогаш кога сте во близина на пешачки премин, во близина на училиште, кога немате доволна прегледност на ситуацијата или кога се приближувате на крстосница без разлика дали имате првенство на минување или не. Задолжително застанете на знакот „ СТОП“ .
  • Користете безбедносен појас. Добриот возач не само што секогаш користи појас туку ги задолжува и останатите патници во возилото да го направат истото.
  • Држете безбедно растојание. Безбедното растојание значи можност да се застане возилото навремено и безбедно без нагли дејствија.
  • Редовно одржувајте и чистете ги светлата на возилото. Чистите светла помагаат за подобро видно поле на возачот особено кога видливоста е помала од 150 метри, кога врне,  за време на зајдисонце и изгрејсонце,  итн.
  • Секогаш проверувајте ги гумите, маслото и водата. Имајте навика редовно да ги проверувате притисокот на гумите, нивото на маслото и водата секој пат кога ќе  наполните гориво на  бензинската пумпа.  На тој начин ќе избегнете непријатни ситуации при патувањето, а возило ќе ви биде технички исправно.
  • Немојте да консумирате храна и пијалоци додека возите и избегнувајте да пушите цигари додека го управувате возилото. Пушењето цигари и консумирањето на храна и пијалоци за време на возењето ве деконцентрира и ве прави расеан и невнимателен возач.
  • Немојте да возите изморени. Искусните и пред се одговорните возачи секогаш наоѓаат врема да се одморат и да патуваат полни со енергија. Не го потценувајте уморот и не ги преценувајте вашите  возачки способности.
  • Гласната музика може да ја намали способноста на возачот да реагира на ненадејни или неочекувани движења или случувања на патот. Затоа, намалете ја музиката и вниматело слушајте и следете ја сообраќајната околина додека возите.
  • Правилно престројување. Секое погрешно престројување значи поголем сообраќаен метеж и го загрозува безбедното одвивање на сообраќајот.
  • Секогаш пред промена на правец користете трепкачи. Користењето на трепкачите помага за подобра комуникација со останатите учесници во сообраќајот и негово непречено и безбедно одвивање.
  • Користете ги трите огледала за прегледност, особено во ситуации кога возите назад, пред да свртите, пред да се одлучите да престигнувате или пред да застанете.
  • Застанете дури и на зелено светло на семафорот ако сообраќајот е заглавен и ако со вашето поминување дополнително го закочувате.
  • Паркирајте внимателно и културно. Не паркирајте на тротоар, на улица, пред влез на зграда или куќа, на порта, на велосипедска патека/лента или пешачки премин, а особено не паркирајте на места резервирани за лицата со ограничени можности.

 


РСБСП со апел: Однесувањето во сообраќајот е одраз на личната култура на секој возач. Добрите сообраќајни навики ве прават подобар и почитуван човек, а истовремено и побезбеден возач. Затоа, разбудете ги добрите сообраќајни навики во себе и бидете позитивен  пример за другите учесници во сообраќајот.