Дигна раце од љубовта? Сега ќе се затвориш во себе и ќе очајуваш?



Автор: Драган Таневски


И што сега кукле? Неколку неуспешни врски и готово? Дигна раце од љубовта? Сега ќе се затвориш во себе и ќе очајуваш? Знаеш, очајот во душата ти прави едно тажно лице. Џабе ставаш насмевка. Очајот ти излегува низ порите и прави еден заштитен ѕид околу тебе кој ги одбива луѓето. Дури и оние најупорните. Верувај кукле. Очајот е мрак. А луѓето се плашат и бегаат од мракот. Очајот ќе ти го одземе сексипилот и оној природен магнетизам што вие жените го имате. Знаеш, душата ќе се згужва во некое ќоше и се што ќе остане од тебе е тело. Да, очајот ќе ти направи и друг проблем кукле. Лешинарите низ пукнатините на твојата душа ќе намирисаат крв и ќе помислат дека си лесен плен. Очајот е опасна работа. Очајот мириса на жртва. Мириса на слабост и немоќ.

Затоа, свари си едно кафе, ама од најјаките. Потоа седни сама со себе да го испиеш. Признај, од кога не си пиела кафе со тебе? Од кога не си направила муабет со тебе? Е па време е кукле. Имаш причини да плачеш? ДА! Тогаш плачи! Низ солзи, најди си ги грешките. Биди фер и не се лажи себе дека не си крива. Голтни малку од кафето. Сега наброј си ги квалитетите. Зошто некој би те сакал? Можеш ли да усреќиш човек? Можеш ли нешто да смениш кај себе? Дали премногу бараш? Дали премногу даваш? Дали премногу се залетуваш? Знам, љубовта е таква, сака брзо да трча. Ама после ќе ги претркаш сите други и пак ќе бидеш сама. Некогаш е љубов да трчаш покрај некого во негово темпо. Сркни пак од кафето. Признај си… неуспехот боли. Си дала се, не ти било возвратено. Зошто? Не барај одговор. Лошо си проценила дека некој имал капацитет да даде исто колку тебе. Или премногу си очекувала и тој се откажал под притисокот. Ок, сте имале убави моменти заедно, и сега тоа ти фали. Добро, тоа е причина за солзи но не и за очај. Не го заборавај кафето. Пивни пак. Сега погледни се во огледало. Болката направила штета, нели? Тешко ќе ја покриеш со шминка, колку и да си вешта. Најважно е душата да заздрави. Дека среќната душа најубаво знае да шминка. А душа најубаво се лечи со душа. Ти требаат позитивни луѓе кукле. Оние кои ќе те потсетат на убавото во тебе. На вредното. А го имаш. Бегај од оние кои ти викаат “сама си крива”. Секој знае така. Не, стварно, бегај од тие. Си ги знаеш ти добро грешките и доста е толку. Види очајот е гробница, а нив никој не ги сака. Тебе ти треба куќа. Нова и убава куќа. Куќа се прави врз темел. А ти темелот го имаш. Да, куќата можеби ти е срушена, ама темелот ти е здрав, и тоа е твојата предност. Нема да биде лесно, ама знаеш што? Новата куќа можеби ќе биде дупло поубава. Допиј си го кафето сега и стани. Скрати ја косата, офарбај се, облечи светли бои и фати се за работа. Да се гради куќа не е мала работа.