Денес е светски ден против СИДА, во Македонија болните дискриминирани



1ви декември. Денеска е светскиот ден на борбата против СИДА. Ширум светот денеска се организираат трибини, се одржуваат предавања, се прават манифестации, се делат кондоми… Годинава изминуваат 23 години од почетокот на активната борба против оваа болест.


Една од главните причини зошто апелот за превенција не допира до многу млади луѓе е што мислат дека СИДА има некаде каде што не ги засега нив. Овде најмногу се мисли на фактот дека една третина од заболените живеат во Африка. Но, вистината е и дека голем број на заболени има во Јужна Америка, Европа и САД.  

Едноставна превенција, а нови заболени?


За превенцијата од ХИВ/СИДА и останатите сексуално преносливи болести сигурно сте слушнале. Тоа е да се користи кондом кога имате секс. Било каков секс – орален, вагинален или анален. И по можност да не си ја барате бељата секој ден со нов партнер.

Не треба да допирате крв, а наркоманите не треба да користат исти шприцеви. Ако превенцијата е толку едноставна, зошто има нови заболени? И тоа не само во сиромашната Африка, туку ете и во старата Европа и богатите САД. Дали се работи за немање пари, љубопитност,небрежност, или искушение ?Целосен лек, како што сите знаеме, нема, но постојат лекови кои го одложуваат напредувањето на болеста и ширењето на вирусот. Благодарение на нив, повеќекратно е зголемен животниот век на носителите на ХИВ и болните од СИДА.


sida diskriminacija makedonija

Каде е Македонија?

Во Македонија годинава има 10 нови заболени. Релативно мала бројка, но голема дискриминација. Кај нас, болните се избегнуваат дури и на улица кога се поминува. Пријателите ги избегнуваат, семејства се распаѓаат. Во болница лекарите не сакаат да им пружат помош. На целата таа агонија, во Македонија таквите лица ги покажуваат со прст, како тоа да ќе ве заразат со поглед. Потребно е да се надминеме себеси и предрасудите што ги имаме.

Она размислување „Сигурно си е сигурно, бегај подалеку од него/неа. Остај ти тоа што кажуваат на ТВ“, всушност е претерано, а што е уште пострашно, повредувате некој што слаб и осамен го чека судниот час. Да се надминеме самите себеси, и да им погледнеме на овие луѓе во очи. Треба да им пружиме рака, а не да бидат само гола бројка секој први декември. Срамота е овој ден да го одбележите само со неколку добиени кондоми.  Борбата против оваа болест значи и да се сочувстува со оние чие тело е осудено на пропаст, а нивниот дух скршен.