Ѓурѓовден се празнува на 6 мај. Тој се вбројува меѓу поголемите пролетни празници што го празнува не само христијанското, туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.
Житието вели дека Св. Ѓорѓи е роден во Кападокија, во Мала Азија, од богати, но чесни и побожни родители. Уште во детството останал без татко и мајка му заедно со него се преселила во Палестина каде што била родена. Таму го минал детството посетувајќи ги местата во кои Исус го проповедал своето учење и се стекнал со образование. Бил висок, убав и храбар поради тоа добил висока служба во војската. На 20-годишна возраст добил чин трибун, а подоцна императорот Диоклецијан го поставил за член на државниот совет.
Подоцна кога умрела и мајка му целиот имот им го поделил на сиромашните. А кога Диоклецијан започнал жестоки прогони против христијаните Св. Георгиј му се спротивставил, ги зел во заштита неправедно прогонетите и самиот признал дека верува во Господ Исус Христос. Тоа го разбеснило императорот кој наредил веднаш да биде затворен и да биде подложен на најжестоки измачувања со цел да се откаже од своето верување. Но, Св. Георгиј не би бил Победоносец ако не бил толку истраен во своето убедување. Легендата вели дека ноќта пред да оди кај царот му се јавил Исус, на главата му ставил победнички венец и го охрабрил да издржи во своето верување ветувајќи му дека наскоро ќе го земе кај себе. Врз Св. Георгиј се применети најсурови мачења за да се откаже од својата вера кога на императорот му рекол дека не е само негов туку и Исусов војник. Бил положен на грб нозете му биле ставени во клада, а врз него турнале голем камен. Подоцна го ставиле на тркало под кое имало шајки кои му го парале телото. Кога и тоа не го поколебало го тепале со воловски жили, го ставиле во дупка полна со негасена вар и турале вода, му облекле усвитена облека, три дена го држеле закопан во земја само со главата над земја, најпосле му дале да испие отров, но и тој не дејствувал поради што му ја отсекле главата.
Гледајќи ги овие страдања на Св. Георгиј, но особено брзото оздравување на раните и преживувањето на отровот, жената на Диоклецијан Александра го прифатила христијанството поради што била осудена на смрт. Одејќи кон губилиштето таа се помолила на Бога и веднаш ја предала душата.
Според Ѓурѓовден кога сонцето се наведувало на заоде уште колку еден остен, сите млади а можело и постари оделе околу селото по ливадите, бавчите и околу реката каде береле цвеќиња, цвеќето го носеле дома каде ги закитувале портите, влезната врата на куќата, трлата, плевните се за здравје и во чест на доаѓањето на Пролетта. А еден боз се ставал пред куќата пред влезната врата и утрото на Ѓурѓовден секој кога ќе станел и излегувал надвор обавезно стапнувал на бозот за здравје.
Ѓурѓовден се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.
Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка и др.