Дама за почит – Фрида Кало



mlada fridaПрочитајте ја оваа животна приказна на една од неповторливите мексикански сликарки позната по своите автопортрети каде пред се во очи паѓа нејзиниот стил на облекување, самоуверениот поглед и споените веѓи. Иако доста потресна, се надеваме дека оваа приказна вистински ќе ве мотивира и ќе ви предизвика восхит и искрена почит кон оваа дама вредна за почит – Фрида Кало.


На 6-годишна возраст Фрида Кало се разболува од детска парализа и 9 месеци лежи во кревет превиткувајќи се од болки. По опоравувањето, едната нога и останува потенка и пократка, на што децата и се подсмевале. Тоа кај неа предизвикувало бес, но никако и пад на самодовербата. Напротив, научила да вози велосипед, да се качува по дрва и најбрзо да плива од сите други девојчиња.

Мајка и потајно ја сожалувала, но од татко и имала целосна поддршка и тој често и говорел дека е најпаметната и најхрабрата од сите негови шест ќерки, од кои само таа се школувала. Пораснала како енергична девојка, која се шишала кратко и носела пантолани. Била член на млади комунисти и на уште една интелектуално-политичка група во која била единственото женско. Водач на таа група бил Алехандро, кој и бил дечко три години.


Таа посакувала да заврши студии и да постане лекар, но во тој период и се случува сообраќајна несреќа. Возејќи се со Алехандро во дрвен автобус, по неговото нагло кочење од сударот, неа ја прободува држачот т.е. долга метална шипка која избива од другата страна на нејзиниот стомак. Лекарите се сомневале дека воопшто ќе преживее, а камо ли дека ќе прооди.

Со месеци таа лежела неподвижна на грб, со гипс од глава до пети и со неиздржливи болки. Кога тие болки почнале да стануваат подносливи, почнала пак да ја мачи здодевноста. Тогаш, мајка и помислила дека можеби сликање би и помогнало, па и донела бои, четки и мал штафелај кој можел да се смести во креветот. Татко и пак смислил како над креветот да и зацврсти огледало, како би можела да си го гледа своето лице.


Така, таа почнала да го слика најблискиот објект – себе си. Од 143 нејзини слики, 55 се автопортрети, а првиот т.н. Портрет во сомотски фустан, му го праќа на Алехандро со цел да го врати бидејќи по несреќата се оддалечил од неа. Нејзините слики имаат моќ на говор, што се гледа и во овој портрет каде повикува на помош, за разлика од сите останати во кои пораката е "никој ништо не ми може".

frida i diego

Нејзиното опоравување било чудо. На 19 години таа повторно застанува на нозе, но поради финансиски причини, не можела да го продолжи школувањето. Затоа морала да најде работа, а единственото нешто што знаела да го работи, било сликањето. На една забава таа го запознава Диего Ривера, најголемиот мексички сликар, кој бил 20 години постар од неа и на кој Фрида дрско му рекла дека сака со сликање да заработува за живот, бидејќи тои и е најмалку здодевно.

Гледајќи ги нејзините слики тој и рекол дека е надарена, има свој поинаков стил и дека мора да продолжи да слика. Од тој момент, Фрида неуморно слика и започнува бурна љубовна врска со Диего која ќе и трае до крајот на нејзиниот животот. Набрзо по нивното венчање, тој иако физички неугледен, со помош на неговата слава и моќ има многу љубовници во неговиот живот.

Тој во Мексико бил бог и жива легенда како сликар, претставник на мексичката ренесанса и како идеолог на работничката класа. Фрида многу ја болеле неговите неверства.

Го правдала со тоа дека поседувањето на убави жени е плод на неговата уметничка природа и дека му е потребна токму таква инспирација. Наивно верувала дека нејзината неизмерна љубов ќе го промени и припитоми. Во тек на една година имала 7 операции на кичмата, 9 месеци лежела во болница и сметала дека заслужува верност. Но, тој бил маж кој своето его го хранел со многу жени за да би бил добар во работата. Таа често помислувала дека така значаен и голем човек им припаѓа на сите и заради тоа не може емотивно да и припаѓа само на една личност.

frida skrsena kicmaОлучила дека за себе ќе се избори на свој начин. Да биде поинаква и немилосрдно женски искрена и соголена, онака како што никој не е спремен да биде. Така, ги сликала својата скршена кичма, раните на нозете, го сликала сопственото лице, претерувајќи во грубоста и нагласувајќи ги своите недостатоци, како вишокот влакненца на лицето, споените веѓи итн. 

Почнала да се облекува како селанка, со долги сукњи и шалови во живи бои, да ја украсува косата со цвеќе и траки, да носи дречлив накит и да нанесува јак руж. Така до вчера градската девојка свесно се преобразила во експонат од етнологија. Луѓето со чудо кон неа се вртеле, но со тоа таа создала моден стил т.н. Кало. Морала да слика бидејќи физичките болки и болката од неверствата на Диего биле преголеми за да би останале само во неа.

За три години таа сменила 28 корсети од гипс, пластика, железо и кожа, а на еден од нив, без кој нејзиното тело би се распаднало, дури и сликала со помош на огледало. Имала потреба да го прави сето она што не можела. Одела на танц, се впуштала во врски со мажи и со жени сакајќи нејзиното тело да почувствува и нешто друго освен болка.

Се спријателувала и со љубовниците на Диего како би го обезвреднила нивното значење и својата положба би ја направила поднослива. Марширала, протестирала и верувала дека комунизмот ќе го спаси светот од беда. Надворешно била весела, заводлива, забавна личност со оригинален изглед, со смисла zа хумор, поради што сите ја обожавале. Кога заради гангрена и ја отсекле едната нога, таа рекла: “Што ќе ми се нозе, кога имам крилја”. На отварањето на својата изложба 1950г. во Мексико, ја донеле со болничка кола и со носила ја сместиле во кревет кој се наоѓал среде галеријата.

Цела вечер таа ги забавувала другите, се веселела и славела. Нејзиниот живот се претворил во театар кој самата и го режирала и глумела во него, што може да се види и на нејзините слики. Кога пролетта 1938г. Андре Бретон ги видел нејзините слики и со воодушевување ги нарекол надреалистички, таа се насмеала и му рекла: “Не, тие се само автобиографски, јас го сликам својот живот.”

dve fridiНа изложбата во Париз, познати сликари и критичари и се дивеле на нејзините дела истакнувајќи ја нејзината неповторливост и искреност. Одушевениот Пикасо и подарил и обетки, кои веднаш и постанале најдраг накит. Не верувала дека е славна и откако Лувр во 1939г. откупил едеn нејзин автопортрет.

Како сликарка не била суетна, а фактот дека преживува и бил доволна награда. Десет дена пред смртта, 1954г. четири саата седела на дожд во инвалидска количка учествувајќи на уличен марш за солидарност. И до самиот крај, сакала да биде дел од животот. Опстанала благодарение на јаката волја и така постанала мит. Имала само 47 години.

 

За оваа инспиративна жена во 2002г. направен е биографски филм во кој Селма Хаек го игра ликот на Фрида. Во продолжение имате можност да го видите трејлерот кој се надеваме ќе ве инспирира да го погледнете и филмот, секако доколку веќе го немате гледано.

Што имате да изјавите после оваа животна приказна? Дали би се согласиле дека Фрида е дефинитивно дама вредна за почит?