Да те заболам уште еднаш …



Ќе побегнам за миг
Молкум оставајќи ја
Едната страна од креветот
На врвот од прстите
Плашејќи се чекорите во шпиун
Да не ми се престорат
Брзајќи ќе долетам
Ко птица штотуку пуштена на слобода
Која одвај ја дочекуваш
Преживувајќи на светлината
Која доаѓа од малите дупчиња на ролетните
Престорен во ништожник
И оставен на помилување
Божем ко питач за трошка љубов и сожалување
Ќе посакаш да ја пречекорам линијата
Која го обележа нашето постоење
Небаре од заборав преминувајќи ја повторно
Та тешејќи се дека е преминета за последен пат
Престануваш да копнееш повеќе
Отколку што љубиш
Сега повеќе љубиш
А помалку копнееш
Посакувајќи ме скришно
Сакајќи ме кратко
Изгори ме уште еднаш
Отерај ме на крајот на краиштата
Што проклето уверливо изгледам
Кога сеуште исправено стојам
И сеуште се насмевнувам
Отерај ме што
Сеуште проклето примамувам
Што издржувам
Што се навикнувам на твоето отсуство
Што сум женско суштество
Што дозволуваш да те болам
Отерај ме
Издиши се
Па заспиј ме во прегратка
Земајќи дел од мене
Кој засекогаш ќе е твој
Дур сеуште сум тука
Дур не дојде време да заминам
Да се поткренам на прсти и да те бакнам
Нежно без да те разбудам
Да те заболам уште еднаш
Оти ме пушти да заминам.


Автор: Ружица Стојановска