
Гледам си ги одбележувате профилните слики сини во знак на свесност за аутизмот. Добро е тоа, да бидеме свесни за аутизмот. Но знаете што е подобро? Да пробаме да ги разбереме родителите на аутистични деца кога ќе излезат да седнат некаде на кафе, а детето им се понаша „чудно и нестандардно“. Да пробаме да се насмевнеме, да го погалиме, да си поиграме со тоа дете наместо да го гледаме како некакво изродче и фрикче. Да пробаме да не го вртиме погледот настрана и да не ццкаме. Тие деца не се невоспитани туку само хиперактивни. И тоа не е хендикеп, туку благослов. Тоа е затоа што му се радуваат на животот и на сето она што ги опкружува за разлика од некои намќори кои во ништо веќе не наоѓаат задоволство.
Овие деца се постојани истражувачи и авантуристи и затоа мораат се да видат, се да пипнат, се да превртат. Можеби нема да ви одговорат кога ќе ги прашате нешто, ама тоа не значи дека се глуви или ретардирани, туку дека во моментот имаат некоја многу поважна работа, на пример да избројат со поглед колку плочки има во просторијата, колку маси и столици има, и зошто фугата на еден ред плочки е поширока од другите. И на пример, кој се осмелил да го заштрафи на криво сушачот за раце во вецето. Да пробаме да разбереме дека си ги затвараат ушите кога одеднаш ќе се чуе силен звук, затоа што нивните сетила се далеку поизострени од нашите. Да, да… тие преку три затворени врати можат да го чујат звукот од омилената реклама и да дотрчаат во дневна за да уживаат во сензорниот спектакл од бои и звуци. Наместо да ги осудуваме, да пробаме да разбереме дека она што ние го нарекуваме стандардно, за овие деца не важи. Тие се вонстандардни. Тие се многу повеќе од нас. Тие слободно летаат. А за оние на земјата, летањето секогаш предизвикувало завист. И така, свесноста за аутизмот значи многу повеќе од обојување на профилната слика во сино. Значи да се наведнеш, да чучнеш ако треба на земја, да се вклучиш во играта на тоа дете наместо да го натераш да игра по твое. Дека, според тоа каков е светот, очигледно е дека нашето апсолутно не чини. Можеби баш тоа дете што тебе ти изгледа „чудно и необично“ дошло на светов за да го направи бар за нијанса подобар? Запамти го моментот кога тоа дете било во твоја близина. Бидејќи си се сретнал со нешто многу поголемо од себе.
Пишува: Драган Таневски