Чекор напред во селектирање отпад – Пакомак го претстави првиот повратен вендинг апарат во Куманово



Со цел да се мотивираат граѓаните на Куманово што поефикасно и побрзо да се вклучат во процесот на селективно одложување отпад, Пакомак во Рамсторе го постави првиот вендинг апарат. Исто таков апарат е поставен и во Крива Паланка и во с.Слупчане општина Липково, како дел  од проектот кој се реализира во соработка со Швајцарската амбасада во Македонија, а кој е наменет  за сите граѓани, без разлика на возраста и социјалниот статус, кои сакаат да дадат свој придонес во заштитата на животната средина.


Станува збор за прототип на вендинг апарати, македонска иновација, во чие создавање учествуваа голем број на лица од Факултет за електротехника и информациски технологии во Скопје, под водство на деканот Димитар Ташковски. Со скенирање на QR код преку претходно симната мобилна апликација преку Google store и Itunes, граѓаните ќе можат селективно да го одложуваат отпадот, а со самото учество да бидат соодветно наградени со т.н. “зелени поени” кои може да ги користат по извесен период за плаќање во Рамсторе и во блиска иднина и во други маркети, или за други  јавни услуги (на пр. комунални такси, билети за јавен превоз, паркинг и слично) кои дополнително ќе бидат дефинирани.

Како што велат од Пакомак, станува збор за прототип, вендинг апарат кој е во тест фаза, а во процесот на финализирање набргу ќе може да учествуваат со коментари и сугестии и самите граѓани.


Енормниот обем на отпад кој се креира со зголемената консумација во модерното општество, селективното одложување отпад, собирањето и неговото рециклирање е екстремно важен процес за одржување на чиста и незагадена околина. Но, за многумина овој процес е напорен и одзема премногу енергија, па затоа Пакомак преку повратните вендинг апарати сака да го олесни процесот на селективно одложување отпад, и да ги мотивира граѓаните да земат учество во него.

Ваков проект досега не сме имале на територијата на Македонија и претставува вистинска иновација на полето на собирање и рециклирање на отпад од пакување. Со ова Македонија станува дел од само 12 европски земји кои имаат воведено ваков систем на селективно одложување отпад и негово рециклирање.


Кој е принципот на работа на повратниот вендинг апарат на Пакомак?

Се става амбалажен отпад (пластично шише или лименка), се добиваат зелени поени,  поради што и се нарекува „повратен вендинг апарат“. Она што започна како експеримент во 1970-тите во Норвешка, денеска е многу успешен глобален проект кој на еден едноставен начин ја одржува нашата планета почиста, истовремено поттикнувајќи ги луѓето да рециклираат отпад.

Исто така, системот на Пакомак ќе препознава кои граѓани се најеколошки совесни и рециклираат најмногу шишиња и лименки во текот на годината, со што се дава можност за добивање на  дополнителни бенефити за тие совесни граѓани.

Овие граѓани покрај тоа што со своето однесување покажуваат грижа за животната средина, добиваат и екстра вредност изразена во зелени поени, која може за почеток да ја искористат за купување во Рамсторе Куманово, Пакет маркет во Крива Паланка и STC маркетот на Селман Туризам во село Слупчане.

Како македонски производ овој прототип на повратни вендинг апарати на Пакомак, ќе претставуваат вистински тест за идното помасовно нивно поставување и покривање на целата територија на земјава како дел од заедничкиот проект со Фондот за иновации и технолошки развој.

Практиките на рециклирање се добро познати низ светот уште одамна, но се добива впечаток дека во нашата земја свеста за овој процес на преработка на материјали е на ниско ниво, посебно ако се спореди со земјите од Западна Европа. За промена на навиките кај населението е потребно време, но Пакомак веќе со години работи на подигање на свеста кај граѓаните, а овој проект е уште еден чекор во таа насока. Преку системот на Пакомак се собира над 25.000 тони отпад од пакувања годишно, во кои е вклучено: стакло, пластика, хартија, метал, дрво и композит, и со тоа е најголемиот систем за собирање на отпад во Македонија и многу успешно работи скоро цела деценија. Но, од компанијата сметаат дека обемот за рециклирање треба и мора да биде уште поголем.

Преку реупотреба на отпадот, рециклирањето помага да се намали: загадувањето на воздухот и водата, употребата на енергија, потребата за суровини како дрво, пластика и минерали. Со рециклирање се намалува загадувањето предизвикано од производството на нови производи, што е еден од најголемите фактори за намалување на емисиите на штетни гасови – проблем кој редовно ја мачи нашата земја, а особено главниот град. Во светот во кој живееме, каде што природните ресурси ги снемува од ден на ден, рециклирањето е од огромна важност и не смее да биде потценето.