Ах бе чупче
Ниту да плетиш
Ниту да везиш научи
Џабе конци и волница купвав
Ко двете раце леви да ти беа
Збодни ваму-згреши
Збодни таму-си излегла од везалото
Абе да не се знаело направо чингелаке да се држи
Та за 45 години еден шал ќе научеше барем да сплетиш
За месење пити да не зборвам
Ѓоа сукањето кори е најтешката работа на светов
Та со очи да се превртувало цело време
Ах бе чупче
Домаќинлук да се немало
Та да не се знаело едно слатко од сливи да се напрај
Е да де
Кој рече оти лесно е
Та со безопасна коските ваѓај ги
Та во вар да седеле
Ами после вари ги
Та шербетот дал ќе се погодел
И бојата
Оти знајш
Треба ко ќилибар да биди
Е пиле мое
Од мало чудно беше
Не ко сите чупчиња со кукли да играш
Ниту да се црташ себе во фустан бел невестински
Не велам де оти за ништо не те бива
Ете пишиш
Песни ли се раскази ли се не знам
Нешто прајш за рацете и умот да не ти седат без работа
Ама пиле
На трње ми ти седи душата
Ко да си немаш мир ниту со пишењето
А убо ти велев да те научам козињак да прајш
Та со часој над тестото да седиш
Да го месиш дур мислите не си ги спастриш
Та ако некој те нервира по тестото да удриш
Да го исплескаш ко чоек да е
Да ти мини и болката и бесот
И да видиш како в рерна нарасва
Како станва убо и румено
Ко живот да си му дала
И после со гордост надвор да го истајш
Гости ко ќе ти идат со мерак да ги послужиш
И ко ќе ти порасни чупчето
И него да меси да го научиш
Ама не
Не си била ти за то родена
Ете такво чупе не се погоди
Ниту таква жена од тебе стана
Ама барем душата на трње да не ти седеше
Со пишењето да можеше срцето да ти се смири
И пилето да не ти лета ко збрлаено
Та да се удира од еден во друг крај од градите
Да не го отвора клунчето без да запеј
Да подзастани
Лево и десно да се опули
Душичето да му се смири
И да зацрцори со сета сила
За убост да ми ти донеси
Пиле мое, чупче мое
Ана Бунтеска: Барем душата на трње да не ти седеше
Објавено на 11/21/2016