Не ми збори за тешко… Знам што е тешко, брат. Сум бил таму. Сум немал. Сум ринтал за ситни пари. Сум истоварал. Ама не сум цвикал. И не сум пружил рака да одземам туѓо. Не ми збори за недостасување, брат. Сум изгубил и јас драги луѓе. Некои ми ги одзела смртта, а некои – далечината. Најдобри другари, повеќе од браќа ми се отселија далеку. Не ми збори за солзи брат. Реки биле моите, не солзи. Ама ја пијам чашата што ја става животот пред мене. На екс ја опињам, трескам со рака на маса и ги подигам оние двеста тона што ми се на грб. Ми крцкаат коските, ама напињам со цела сила и станувам. И идам брат. Идам кај што морам, кај што сум потребен. Идам кај што треба да се оди. И еве, не сум застанал се уште. Одвреме-навреме ќе ми се придружи некој. Еден – за да гледа сеир, а друг за да ми го поноси малку товарот. Дека памти кога јас сум го носел неговиот товар.
Не ми збори за тешко брат. За цел збори ми. За мотивација збори ми. За чисти души збори ми. За хероизми на малите луѓе збори ми. Дека тие работи ме движат мене.
Автор: Драган Таневски

Категорија: