Понекогаш може да ви изгледа дека е невозможно да се справите со вашата кожа, особено кога ќе се разбудите наутро и ќе забележите огромно мозолче на носот или гнојно чирче на аголот на вашата уста. Добрите вести се дека постојат начини да се превенираат и да се третираат овие чести кожни проблеми.
Акните или мозолчињата се појавуваат кога порите во кожата ќе се затнат од лојот кој се излачува од лојните жлезди во кожата. Акните се најчест проблем за време на пубертетот кога хормоните ги има во зголемена количина што предизвикува и зголемена продукција на лој.
Поради тоа што лојните жлезди најгусто се распоредени на челото, носот и брадата, оваа регија наречена Т-зона е најмногу склона за појава на акни. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да гo спречите пробивањето на мозолчињата, како и, доколку се појават, што е можно побрзо да ги отстраните:
- Мијте го лицето два пати на ден (не повеќе) со топла вода и благ сапун специјално направен за кожа со акни. Нежно масирајте го вашето лице со кружни движења. Никако силно не го тријте лицето, бидејќи тоа може да поттикне иритација. По миењето, препорачливо е да нанесете лосион за лице кој содржи пероксид бидејќи тоа ќе ја намали масноста и бактериите на кожата
- Никако не ги пукајте мозолчињата, иако тоа знае да претставува големо искушениe. Со нивното стискање може да се внесе инфекциски материјал во кожата што понатаму ќе доведе до поголема надуеност, црвенило, па дури и рани и лузни. Доколку забележите дека некое мозолче се спрема да избие пред некој за вас голем настан, не го отстранувајте сами, туку обратете се на дерматолог кој тоа ќе го направи со најмал може ризик за вашата кожа.
- Избегнувајте да го допирате лицето со вашите прсти или со некои предмети кои собираат маснотија или остатоци од кожа, како на пример телефоните. Со таквото допирање може да се шират бактерии кои ја иритираат и воспалуваат кожата. За да ги држите тие напријатели на страна, мијте ги рацете пред да ставате со нив нешто на вашето лице, како на пример пред да се шминкате или да нанесувате крема.
- Доколку носите очила или очила за сонце, чистете ги редовно бидејќи тие пренесувајќи ја маснотијата, ги затвораат порите околу очите и носот.
- Доколку ви се појават акни на телото, обидете се да не носите тесна облека. Таа не и дозволува на кожата да дише и може да и предизвика иритација. Исто така и шаловите, панделките и капите собираат доста маснотии и валканост.
- Задолжително вадете ја шминката пред спиење. Кога купувате шминка, одберете марки каде што е наведено дека не предизвикуваат појава на акни. На етикетата би требало да стојат термините "noncomedogenic" и "nonacnegenic", а ова особено се однесува за пудрите, кои не е препорачливо да се користат при проблеми со кожата. Фрлете ги сите стари шминки кои изгледаат или мирисаат поинаку од моментот кога прв пат ги имате купено.
- Одржувајте ја косата чиста, измиена и подалеку од вашето лице за да спречите дополнителнo валкање и замастување кои ќе ги затвори вашите пори.
- Заштитете ја кожата од сонце, иако темниот тен знае да ги маскира акните. Сепак, тоа е привремено, а на подолг период може и да ја влоши вашата состојба со акните. Потемнувањето исто така предизвикува оштетување на кожата кое може да доведе до пеѓи или до зголемен ризик од рак на кожата.
- Внимавајте на исхраната. Избегнувајте да јадете многу масно и благо, бидејќи тоа го поттикнува појавувањето на мозолчиња.
- Доколку сте прилично загрижени околу вашите акни, разговарајте со дерматолог. Тој ќе ви помогне да го најдете третманот кој е најдобар за вашиот тип на кожа, а исто така ќе ви даде и корисни стручни совети за вашето лице. Исто така консултирајте се и со гинеколог, поради тоа што акните често може да се последица и на хормонален дисбаланс. Секако тука се и козметичките салони, но внимавајте да му го доверите своето лице на некој кој таму е навистина стручен во оваа област.