В ПРЕДВЕЧЕРЈЕ



Автор: Горан Василевски


Ќе умрам в предвечерје,
кога денот на сиодење ја допишува историјата,
а земјата од облаци ја збира киријата,
штом секне најзадниот од камбани ѕвон…
Ќе кинисам в неврат,
ко да одам в сон.

Ќе умрам в предвечерје,
за до зори д’ имаш време да ми се изнаплачеш,
што жежело, недостинат, да ми го изнакажеш,
колнејќи ме,
галејќи ме,
пизмејќи ме…
Љубејќи ме.


Ќе умрам в предвечерје
штом в повој трендафили латици ќе свијат
и сенки малаксано, ќе легнат да спијат,
а мракот, слаткозборно ќе почне да лаже…
Тогаш,
на твојата,
мојва душа,
збогум ќе и каже.