По повод 73 годишнината од постоењето на МНТ – Скопје, на 03 април ќе биде отворена изложбата „Моќта на актерот”

По повод 73 годишнината од постоењето на Македонски народен театар – Скопје, на 03 април во 12 часот, во фоајето на театарот, ќе биде отворена изложбата „Моќта на актерот”. Изложбата е посветена на актерите кои ги имало во разни претстави, на оние актери на кои најбројни им се т.н. епизодни ликови, без кои не може речиси ниту една претстава. На оние кои многу посветено и дисциплинирано го направиле секој лик свој, му ја дале својата душа.

Поместени се оригинални фотографии на повеќе од триесет актери кои работеле од првата сезона на МНТ, далечната 1945/46 година, па сè до почетокот на овој век. Тоа се: Вера Вучкова – Жежељ, Добрила Пуцкова, Добрила Чабриќ – Ивановска, Тома Киров, Кирил Ќортошев, Цветанка Јакимовска, Ратко Гавриловиќ, Драга Арсенска – Велможин, Драги Крстевски, Стојка Цекова, Борис Стефановски, Драги Костовски, Пантелеј Мирковски, Таше Кочовски, Кирил Попов, Вукан Диневски, Чедо Камџијаш, Анче Џамбазова, Димитар Костов, Кирил Андоновски, Душко Костовски, Владимир Светиев, Александар Џуровски, Кирил Псалтиров, Мирче Доневски, Кирил Коруновски, Александар Шехтански и Гоце Влахов.

На повеќе од 120 фотографии се гледа трајниот печат што тие го оставија врз историјата на МНТ и воопшто македонскиот театар! Тешко е да се замисли театар без нив!

Изложбата ќе биде отворена за јавноста во текот на месец април.