Не верувај на човек што не се смее, што не плаче, што не колне …


Автор: Драган Таневски

Не верувај на човек што не се смее, што не плаче, што не колне.

Не верувај на човек што не ги стега тупаниците во гнев, што не му затреперуваат рацете никогаш, туку мирни му се стално.

Не верувај на човек без ниедна брчка, дека лицето никогаш не му се насмеало од среќа ниту згужвало од болка.

Не верувај на човек што не си ја зарива фацата во дланките, што не си ја загризува раката за да не вресне толку силно па темелите на светот да се затресат.

Не верувај на човек што не шутира камчиња додека низ заби процедува некое име милион пати.

Не верувај на човек што никогаш немал подочњаци и подрасната брада и не му било гајле го сожалува ли некој или по него прави нц нц нц.

Не брат, не му верувај на човек што не ја држи и гали чашката како таа некоја си душата што му ја откорнала што би ја галел.

Не му верувај на човек кој не си ги изгризал неколку пати усните за да го осети бар малку вкусот на нејзините усни што можеби останал заробен тука кога го бакнувала.

Не верувај на човек ти велам, што секогаш знае каде оди, а сите патишта му се прави.

Не верувај никогаш на такви луѓе брат. Дека којзнае дали воопшто се луѓе.