Македонските спортски ѕвезди со поддршка за Проект Среќа



Хуманитарната природа на спортот ги спои најголемите спортисти во Македонија за една добра и доблесна цел на акцијата „Шампионите за вас”, која е во склоп на Проект Среќа и „Здраво шампиони”, кој трае веќе неколку месеци, а ќе заврши со делење на опремата на крај на август, пред почетокот на школската година.


За време на „Шампионите за вас” сите кои дојдоа донираа по најмалку 100 денари и за тоа добиваа купон со кој присуствуваа на настанот и се дружеа со спортските ѕвезди кои воедно потпишуваа и топки чија продажба додатно влезе во донаторската каса.

Кошаркарите Перо Антиќ и Едина Муса, ракометарите Дејан Манасков, Филип Миркуловски и Филип Кузмановски, рели возачот Игор Стефановски – Иџе и каратистите Дејан Недев и Аљоша Недев се вклучија и со тоа што донираа дел од своите лични предмети кои ќе бидат дел од онлајн аукција. Од дресови носени на европските првенства, преку златни медали до првата награда која некогаш ја добила Едина Муса, се потпишани и подготвени за наддавање. За почетокот на аукцијата сите ќе бидат информирани преку официјалната Фејсбук фан страна на Проект Среќа: https://www.facebook.com/proektsreka/.


Проект Среќа соработува со основните и средните училишта и установите кои згрижуваат деца. Се пријавија 340 деца и за сите ќе се обезбеди спортска опрема и чланарина благодарение на вниманието и трудот кој го овозможуваат македонските шампиони. Неговиот успех се должи и на големата поддршка од спонзорите и партнерите, и главниот покровител Агенција за млади и спорт на Република Македонија.