Лесно е: Како да направите голема домашна велешка пастрмајлија за 70 денари



Состојките се за четири големи пастрмајлии а подготовката ќе ве чини 280 денари.


Состојки:

840 гр брашно
600 мл вода
8 лажици зејтин
1 лажичка шеќер
3 лажички сол
1 квасец
800 грама свинско месо (или пилешко) исечкано на коцкички и посолено
30 грама пастрма (по желба)
2 јајца
Свинска маст


Подготовка:

Се замесува меко тесто. Се остава да нарасне ( додека не нарасне дупло). Потоа тестото се дели на четири дела. Се формираат топчиња и се оставаат уште десетина минути да нараснат.


Од топчињата од тесто се развлекува пита. Околу неа, од тестото се оформува венец. Врз тестото се редат парчињата свинско месо, ситно исечкано и посолено и пастрмата (по желба). Се додава една полна лажица свинска маст и се распоредува низ целата пита. Се става да се пече во загреана рерна на 250 степени . Кога малку ќе се запече, отприлика по десетина минути, се става едно до две разматени јајца и малку буковец (мелена пиперка)

Се враќа во рерната и се продолжува да се пече.

Откако ќе ја извадиме од рерната , венчето на пастрмајлијата се премачкува со свинска маст , се завиткува во мрсна хартија и во чаршав и се остава да омекне.

Добар апетит!

Овој рецепт е на Тодорa Цветкова од Велес, за hitkujna.com.mk.